Ужас во Сараево, трамвај излета од шините, загина едно лице
Едно лице загина, а неколку други беа повредени во четврток во Сараево кога градски трамвај излета од шините и заврши на еден од најпрометните патишта во близина на Националниот музеј на Босна и Херцеговина и Амбасадата на САД.
„Едно лице загина. Според моменталните информации, две лица се повредени. Обвинителот е известен, а полициските службеници се на местото на настанот“, соопшти окружната полиција.
Според достапните информации, трамвајот излетал од шините околу пладне, пробивајќи ја заштитната ограда и лизгајќи се околу десет метри на коловозот. Целиот преден дел од трамвајот бил уништен.
Во несреќата загинал еден човек, згмечен од трамвајот кога излетал од шините, а пожарникарите морале да ја пробијат оштетената структура на возилото за да стигнат до телото.
Во Несреќата згмечена е и девојка родена 2009 година, која е пренесена во болница,каде ѝ е ампутирана ногата, јавуваат сараевските медиуми.
Стар трамвај
Ова е еден од старите трамваи од чешко производство кои постепено се тргаат од употреба откако минатата година беа заменети со нови возила произведени од швајцарската компанија Штадлер. Досега, окружната влада купи 25 нови трамваи, но некои од старите, купени пред повеќе од 40 години, сè уште се во употреба.
Излетувањето од шините што се случи во четврток е прво од ваков вид.
Трамвајскиот сообраќај во Сараево е воспоставен уште во 1885 година со кочии влечени од коњи, а во 1895 година се пуштени во употреба електрични трамваи.