Утврдени 197 повреди на работните права за време на епидемијата


ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали треба да се слушнат и работниците

Во периодот од 10 март до 30 јуни регистриравме 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесуваа на 2.723 работници. Повеќе од 60 отсто од пријавите се однесуваа на работничките со што кризата неизбежно доби и родова димензија. Најкритични беа првите шест недели по прогласувањето на вонредната состојба, кога беа пријавени 145 од вкупниот број регистрирани случаи.

Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување, соопштија од Хелсиншкиот комитет за човекови права.Од Комитетот истакнаа дека веднаш по донесувањето на првата мерка за превенција од коронавирусот која директно се однесуваше на работниците, биле сведоци на чести и груби прекршувања на работничките права, нагласувајќи дека за времетраењето на кризната состојба непрекинато продолжиле да им обезбедувааат бесплатна правна помош на сите работници.

– Само во месец март, регистриравме 17 вакви случаи кои опфатија 375 работници. Онаму каде што можеа, работодавачите влијаеа работниците принудно, но „спогодбено“ да го прекинат својот работен однос, па така во март и првата половина на април регистриравме 30 пријави за 317 работници. Овој тренд на пријави за отпуштања почна да се намалува во текот на наредните месеци и од април до крајот на извештајниот период, кај нас беа регистрирани 85 отпуштања и пет работници кои потпишале спогодба за престанок на работниот однос. Една од најранливите категории работници беа оние со заснован работен однос на определено време на кои, поради специфичната зависна положба во која се наоѓаат, не им беа продолжувани договорите за вработување, образложија од Хелсиншкиот комитет.

Од Комитетот потенцираа дека работодавачите нашле начин да ги заобиколат притисоците од јавноста за масовните отпуштања во март, па во следниот период започнале да им ги намалуваат или воопшто да не им ги исплаќаат платите на работниците, директно удирајќи по нивната егзистенција.

– Овој период, најчестите регистрирани пријави се однесуваа токму на овие прекршувања – на дури 810 работници им беа намалени или воопшто не им беа исплатени платите, посочија од Хелсиншкиот комитет.

Од Здружението информираа дека во 23 случаи регистрирале непочитување на владините мерки од страна на работодавачите и тоа во однос на (не)организирање на работниот процес на начин да се обезбеди потребното растојание, постојана дезинфекција на работните места и заштитна опрема за 1022 работници.

– Една од најпогодените од кризата беше преработувачката – текстилната и кожарската индустрија, каде што беа регистрирани најголем дел од повредите на работничките права. Имајќи предвид дека кај нас жените се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, овие повреди на работничките права истовремено претставуваат и повреда на правата на жените, што дополнително го потврдува мултидимензионалниот и интерсекциски карактер на овој проблем. Жените се структурно опресирани со самото тоа што преовладуваат како работна сила во индустријата што е убедливо најслабо платена. Дополнително, при криза од овие размери тие се први на удар, затоа што системот кој е создаден да дозволува и/или да ги става во ваква потчинета и угнетена положба, воопшто не поседува механизми да ги заштити, истакнаа од Комитетот.

Имено, за податоците е изготвен иконограф во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија’’, финансиран од Фондот за добро владеење на Британија.

– Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Владата на Обединетото Кралство, посочија од Комитетот.