Утревечер на МРТ 1 – прво и единствено соочување на сите седуммина претседателски кандидати


Првото и единствено предизборно соочување на сите седуммина кандидати за претседател на државата ќе се одржи утре (недела, 21 април 2024 г.) на МРТ 1., објави „360 степени“.

Сите кандидати за шеф на државата ја прифатиле поканата за дебата. Соочувањето ќе се емитува од 20 часот на првиот канал.

Последен што потврди беше актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски. Тој , како што соопшти денеска неговиот тим за комуникации, ја прифатил поканата за дебата, иако останува на ставот дека треба да се расчисти случајот со индиции за лажни анкети за рејтинзите на кандидатите и партиите поврзан со Македонската радиотелевизија.
 

Кога новинарот Фуркан Салиу, а потоа и СДСМ, го отворија случајот, од Македонската радио-телевизија ги отфрлија, како што ги оценија, неоснованите напади за професионалноста и објективното известување на јавниот сервис и посочија оти како и досега, така и во иднина, МРТ ќе известува точно, проверено, објективно и согласно сите етички и професионални стандарди.

Пендаровски претходно во неколку наврати иницираше т.н. мастер-дебати кои, како што неодамна соопштија од неговиот изборен штаб, нема услови за да се одржат.

Идејата на Пендаровски беше дебатите да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.

Од штабот на Пендаровски тогаш порачаа и дека изминатиот период одржале и состаноци со одговорните лица од националните телевизии и со претставници од изборните штабови на останатите претседателски кандидати со цел, како што рекоа, да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања.

Дел од кандидатите, како што информираа тогаш од штабот на Пендаровски, имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред сè Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски нагласија оти тоа не е можно.

Сепак, кампањата пред првиот круг од претседателските избори нема да помине без соочување на сите седуммина кандидати со оглед на најавите дека дебата ќе има утревечер на МРТ 1.