Утре почнуваат интензивни градежни работи за Коридорот 8, најави Меџити


Првиот вицепремиер на Владата, Изет Меџити, вели дека нема разлики меѓу коалициските партнери во Владата за Коридорот 8, пишува весникот ЛАЈМ.Меџити истакна дека утре ќе започнат интензивните градежни работи за изградба на Коридорот 8.

„Коридорот 8 е исклучително важен коридор за Република Северна Македонија. Ве известувам дека утре, заедно со премиерот и министерот за транспорт, со претставниците на компаниите Бехтел и Енка ќе бидеме на терен на почетокот на интензивните градежни работи на Коридорот 8.

Значи, додека другите зборуваат, ние работиме. Утре ќе бидеме во населбите Гостивар-Букојчан, на тој сегмент каде што ќе започнат интензивните градежни работи на Коридорот 8,“ изјави Меџити.

Тој соопшти исто така дека актуелната влада не прави разлики при распределбата на буџетот за инвестиции по општините, како што правела претходната влада со Тетово и Чаир.

„Ова е првпат една влада да не прави разлики, како што тие тоа го правеа во минатото со Чаир и Тетово, кои беа единствени од 80 општини што не добија ниту еден денар од буџетот на Северна Македонија. Ние не го правиме истото, ние ги третираме општините без оглед на припадноста, бидејќи таму се нашите граѓани, ние сме за граѓаните, и тие градоначалници се избрани од граѓаните,“ изјави Меџити.

Меџити одговори и на обвинувањата на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој пред неколку дена рече дека актуелната власт ги понижува Албанците и ја покани коалицијата ВЛЕН да излезе од владата. Меџити ги отфрли овие изјави на Ахмети, велејќи дека Албанците од оваа влада си го добиваат својот дел.

„Албанците добиваат многу удел во буџетот на Република Северна Македонија. Значи, добиваат некаде околу 30 милиони евра само во оваа половина година, а тоа го добиваат и општините кои не се ВЛЕН, а се ДУИ. И да ги седнете без камери и искрено да разговарате, велат подобро ни било кога ДУИ е во опозиција отколку кога ДУИ била во Влада. Изненадени сме што немаме проекти толку колку што Владата обезбедува средства за реализација на конкретни проекти за граѓаните. Тоа е првпат една влада да не прави разлика како во минатото, кога Чаир и Тетово не добија ниту денар од буџетот на Македонија. Не држи констатацијата на Ахмети“, рече Меџити.