Утре е историски ден, вели Али Ахмети

Според лидерот на ДУИ, изборот на Талат Џафери за технички премиер е доказ за еднаквоста на Албанците во Македонија


 

Преку видео обраќање претседателот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека утре е историски ден затоа што Македонија за прв пат ќе добие премиер Албанец. Изборот на Талат Џафери за технички премиер е доказ за еднаквоста на Албанците во Македонија.

„Утре, недела, 28 јануари 2024 година, го избираме првиот премиер Албанец во Република Северна Македонија. Овој ден е историски како за Албанците, така и за Македонците и за сите други бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Заедно, ја преземаме одговорноста да ја водиме државата, не еден по друг, туку рамо до рамо еден до друг, заедно, за европска Македонија“, кажа Ахмети.

Тој смета дека поддршката што ја добил, утре се наградува со еден остварен сон.

„На сите наши граѓани им честитам за ова достигнување и сигурен сум дека нашата земја станува посилна, порамноправна и пообединета. Но, ова не е крајот, ова е само почеток, имаме уште многу работа и соништа за остварување. Денес, имаме потреба да се обединиме, да подадеме рака еден на друг, да ги оставиме настрана нештата што нè разделуваат и да се обединиме околу нештата што нè зближуваат. И пред четири години, но и сега, реков дека ние знаевме како да се обединиме за заеднички цели, кога тоа беше важно и одлучувачко. Она што ќе го направиме утре ќе го дефинира животот на генерациите по нас. Дали треба на нашите внуки и внуци да им оставиме европска Македонија или проруска Македонија, демократска или диктаторска земја, мир или конфликт, напредок или уназадување?“, вели Ахмети.

Тој повикува на обединување за, како што вели, идните генерации да го жнеат успехот.