Уставот го демантира Џафери?


Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, порача дека опозицијата не може да поднесе нова иницијатива за гласање на недоверба на Владата откако веќе има поднесено една, се отвори прашањето има ли основа во Деловникот во Собранието за тој став, бидејќи може да предизвика реакции во опозицијата дека низ деловнички дупки се обидува да ги спречи да ја урнат владата. Според толкувањето на Џафери во наредните 90 дена не може да има повторно гласање, затоа што веќе е поднесена иницијатива со 61 потпис од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Беса. 

„Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање на недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба“, порача Џафери.

Гласањето недоверба, кое почна да се претвора во шпанска серија и зад кое се одвиваат политички игри на повеќе нивоа, се испроблематизира кога пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива се најде навреден што неговиот потпис се нашол на ист список со тој на пратениците на Левица, поради што ВМРО-ДПМНЕ најави ново барање за гласање недоверба. Според толкувањето на Џафери тоа не е можно и единствено што може да направи опозицијата е да го повлече барањето или во четврток да гласа – имала доволен број гласови или не.

Читајќи го Деловникот на Собранието не станува појасно дали Џафери е во право или не. Во членот 214  стои дека „прашање за доверба на Владата може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата“. Притоа нема дополнително објаснување што ако тие кои го повлекуваат сакаат да поднесат друго.

Затоа пак во Уставот на државата во членот 92 кој се однесува на оваа процедура стои дека „повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници“.

-Спикерот Талат Џафери дава политички, а не правен одговор согласно Деловникот. Прашајте го него како тој стана спикер во 2017 година, ја прокоментира изјавата пратеникот Скендер Реџепи.

-Џафери може да дава политички изјави, но таа не е правно издржана. Неговата изјава правнички ќе се толкува. Во партијата наскоро пратениците на Алтернатива ќе ги стават потписите на новата иницијатива за гласање на недоверба на Владата и потоа во координација со ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доставиме до пратеничките групи – изјави Реџепи.(Н.В.)