Уставниот суд оформи предмет за ДУП „Буњаковец 2“, а „Треска“ веќе се рекламира

Кој ќе биде побрз - Уставниот суд кој оформи предмет за важноста на ДУП-от, или инвеститорите од кои некои веќе добија градежна дозвола


Вака треба да изгледа изграден просторот на „Треска“

 

Просторот на поранешната фабрика „Треска“ најверојатно, многу брзо ќе почне да се гради, за што денеска се појавиja видeо и фотографии како ќе изгледа просторот со планираните „наполитанки“, а Уставниот суд информира дека оспорена и Одлуката бр.07-9331/10 од 10.12.2012. за изменување и дополнување ДУП Буњаковец 2, плански период 2011-2016.

Подносител на иницијативата е Сузана Јошевска, адвокатка и Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“.

Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план, односно дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на ДУП-от се неусогласени со оние од ГУП-от. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Фото: Б. Грданоски

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Предметот, како што велат од Уставен суд, е предаден на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.

Во меѓувреме, на некои портали денеска се појавија видеа и фотографии од тоа како ќе изгледа просторот на поранешна „Треска“, според токму тој план од 2012 година, кој предвидува изградба на згради, таканаречени „наполитанки“.

„Градежни дозволи општината може да издава само согласно важечки ДУП и никако поинаку. Согласно важечкиот ДУП од 2012 година на таа локација предвидени се ниски згради од пет ката. Иако на оваа површина е предвидено само 5% зеленило, инвеститорите се согласни да обезбедат минимум 20%, односно 8.200 м2 зелена површина како партерно уредување во рамки на блоковите. Дополнително предвидена е и изградба на јавен парк со вкупна овршина од 9.474 м2. Согласно ова, вкупното зеленило предвидено за овој простор достигнува близу 18.000 м2, што е значително над минимумот кој го наложува новиот Закон за урбано зеленило. Покрај зеленилото Општина Центар од сопствениците на земјиштето на ‘Треска’ бараше и изградба на објекти од јавен интерес како градинка која би ги задоволила потребите на предвидените станари“, рекоа од Општина Центар за „Независен“.

 

Инаку, за овој простор, беше објавен и реализиран конкурс за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката „Треска“, од кои три беа наградени, но не поминаа без забелешки. Сепак, за овие планови, како што укажаа од „Шанса за Центар“, општината и градоначалникот на Центар не ги поканиле авторите јавно да ги објаснат своите визии како сметаат дека треба да се уреди последниот голем градежен простор во Центар.

Во планот донесен кога власт во Општина Центар беше ВМРО-ДПМНЕ, а кој оваа власт го смета за „важечки“ просторот е покриен со згради како наполитанки.

„Условите во конкурсот бараа авторите да го проектираат овој простор на начин што приватните сопственици ќе добијат право на градба на згради, а општината ќе го задржи јавното земјиште и на него ќе организира јавен простор како парк и детска градинка. Условите беа определени врз основа на претходната анализа на самата општина дека во целиот простор и сега недостасуваат градинки, а зеленилото е на ниво на статистичка грешка. Треска со ваквото планирање требаше да даде и зеленило и дополнителна вредност на целиот простор на Буњаковец“, укажаа своевремено од „Шанса за Центар“.

 

Во меѓувреме, два пати беа опожарувани бараките на просторот на поранешна „Треска“. Објектите ги отстрануваа приватните сопственици.

„Сите објекти ги отсрануваат соптвениците на парцелите. Општината нема ингеренции да отстранува ништо на приватно земјиште“ – додаваат од Центар.

Кој крајот на минатиот месец Општина Центар ја издаде првата градежна дозвола за кругот на поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје, по што се очекува набрзо да започне и изградбата на првиот објект.

 

Издадено е едно правосилно Одобрение за градење за правните лица „Голден Арт“ и „Мега Акустик“, кои претходно ги уплатиле комуналиите во висина од 800.000 евра на Град Скопје и Општина Центар за изградба на станбено-деловен објект. 

Сепак, на веб-страниците на овие две градежни фирми не може да се најде новиот проект за „Треска“, односно она видео и фотографии што денеска ги објавија повеќе портали.  

Ќе се гради објект со висина од 19,2 метри, катноста е приземје, пет ката и поткровје, а вкупната бруто изградена површина изнесува 6.662 метри квадрати.

Засега не е издадена градежна дозвола за „Ремис“, кој покрај тоа што е инвеститор, еден од сопствениците на оваа градежна компанија поседува околу 90 отсто од просторот преку денационализација.

Инаку станува збор за простор од повеќе од 62 илјади квадратни метри.