Повеќе од половина вработени во Уставниот суд пријавени за давање крв по повод шестдеценискиот јубилеј


Повеќе од половина вработени во Уставниот суд пријавени за давање крв во денешната акција што сами ја организираа по повод шестдеценискиот јубилеј. Како што информира утрово претседателката на Судот Добрила Кацарска, со ова институцијата ја покажува и својата хумана страна.

-Уставниот суд одбележува 60 години постоење и по повод овој јубилеј најави низа активности. Вработените дадоа идеја една од тие акции да биде и крводарителската, што значи Судот ја покажува и својата хумана храна. Повеќе од половината вработени се пријавија за давање крв или од вкупно 60 повеќе од 30 се согласни да дадат крв, изјави Кацарска.

 

Акцијата се одржува под мотото „Биди хуман – спаси живот”, во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија. Почна во 9 и ќе трае до 14 часот.

Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето крв и мотивирање на поголем број луѓе за доброволно дарување.