Усмртената девојка на „Партизанска“ била дизајнерка од Неготино


 22-годишната дизајнерка Фросина Кулакова од Неготино е жртвата од тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на булеварот „Партизанска“ во Скопје , објави „Фокус“. Ја удрил автомобил управуван од 20-годишно момче, а од здобиените повреди таа веднаш починала.

Целата македонска јавност е во шок и неверување од несреќата која на скопските улици однесе уште една млада жртва. Повеќе детали за околностите во кои се случила трагедијата се уште не се соопштуваат. Од МВР го потврдија настанот, а пак како што информира Обвинителството, возачот бил задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина.

Во Неготино се уште не веруваат дека нивната млада сограѓанка ја нема.

-Чиста, невина душа пред која беше целиот живот. Таа имаше уште многу да и даде на заедницата, да му даде на светот…, коментираат сограѓаните. 

„Пред само седум месеци ја воодушеви јавноста со нејзините модели на годишната ревија на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ каде студираше. Нашите мисли се со нејзиното семејство, никој, никогаш да не доживее ваква болка, велат сограѓани на младата девојка“.