Уште една прекината комисиска седница во Собранието


Продолжението на 11. седница на собраниската Комисија за образование и наука беше прекината на самиот почеток кога претседателката Жаклина Лазаревска побара од пратениците да се откажат од процедуралните излагања, како што рече,  во интерес на образованието и науката.

-Досега постапувавте недемократски и не се држите на Деловникот кога барате процедурални, им рече Лазаревска на опозициските членови на Комисијата по нивното барање за процедурално  излагање пред таа да го утврди дневниот ред на денешната седница.

Тоа предизвика бурни реакции од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои извикуваа  дека таквиот начин на работа е диктатура зашто секогаш им се дава процедурално кога пратениците го бараат тоа.

На дневен ред на 11-тата седница на оваа Комисија е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за иновациска дејност во прво читање.

Комисијата за подоцна денеска има закажано продолжение и на осмата седница на која на дневен ред е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта во прво читање, кој е подолго време заглавен поради несогласувања на членовите на Комисијата и прекини на седниците.

На дневен ред на осмата седница на матичната Комисија е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието, во прво читање.