Уште еден советник го напушти ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, го снема мнозинството
Со двајцата независни советници ВМРО-ДПМНЕ го загуби мнозинството во Советот на Скопје

Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје се истенчи, а прашање е дали сега воопшто го има.
Ирена Попова, советничка од ВМРО-ДПМНЕ од денеска ја напушти групата на партијата во Советот на Град Скопје и рече дека ќе дејствува како независна. За оваа одлука беше наградена со аплауз од градоначалничката Данела Арсовска.
Попова изјави: „Од денеска не сум дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе дејствувам независно, а вие слободно можете да продолжите со заканите кои ги испраќате до мене изминативе денови. Не се плашам и ќе продолжам да работам за она што го ветив на граѓаните во кампањата, а тоа е модерно Скопје. Вие ја блокирате работата на Градот, јас нема да бидам дел од тоа“, ги пренесува нејзините зборови медиумот „СДК“.
Со тоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се намали на 16, откако пред два месеци од таму си замина и советникот од ГРОМ, Александар Трајановски, кој потоа експресно беше поставен за заменик-градоначалник. Двајцата одметнати од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ сега настапуваат како независни.
Прашање е дали ВМРО-ДПМНЕ сега воопшто има мнозинство во Советот кој брои 45 члена. ВМРО-ДПМНЕ има 16 советници, нивниот партнер во власта Левица – четири советници. Алијансата за Албанците и Алтернатива кои настапија заедно на локалните избори имаат два советници. Сите заедно се 22, што е за еден помалку од мнозинство.
СДСМ има 12, ДУИ пет, а ЛДП два советника, како и Зелен хуман град. Со двајцата независни тие би било во мнозинство до 23 советници. Дали позицијата на Трајко Славески како претседавач на Советот е загрозена рано е да се каже.