Урсула Фон дер Лајен најави посета на Западен Балкан


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека во септември ќе го посети Западен Балкан, нагласувајќи дека инвестирањето во иднината на тој регион е инвестирање во иднината на Европската унија.

– Пред крајот на месецот, ќе одам во регионот за да испратам јасен сигнал за нашата посветеност кон процесот на проширување, рече Фон дер Лајен во својот говор за состојбата на Унијата.

– Тоа им го должиме на сите млади луѓе кои веруваат во иднината на Европа, додаде таа. Во обраќањето пред членовите на Европскиот парламент, Фон дер Лајен рече дека ЕУ затоа ја зајакнува својата поддршка преку нов Економски и инвестициски план.

– Инвестирањето во иднината на Западен Балкан е инвестирање во иднината на ЕУ, рече претседателката на ЕК.

Од Брисел потврдија дека Дер Лајен ќе ја посети и северна Македонија, а се очекува тоа да се случи во периодот од 28 до 30 септември.

Претседателката оваа посета ја организира една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на почетокот на октомври во Брдо, Словенија и чија цел е да се потврди поддршката на ЕУ за регионот како што тоа беше случај со самитот во Софија, а потоа и во Загреб, под бугарско, односно хрватско претседателство.

– Овој самит ќе биде важна прилика не само да се потврди европската перспектива за Западен Балкан и нивната натамошна интеграција, туку и да се даде дополнителен поттик за имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, кој е срцето на нашиот ангажман со регионот, изјавија за МИА од Европската комисија.