УПОЗ и денеска на штрајк: Бараме плати за достоен живот


 

Членовите на синдикатот на УПОЗ и другите вработени во управата и судството, денеска повторно се на штрајк, по вчерашниот предупредувачки од чија бројност, организаторите се задоволни.

– Имавме одредени притисоци вчера, денеска нема, сега за сега сѐ уште ни немаат јавено за некакви притисоци. Со нашите барања, кои се повеќе од правични, сепак немаме никаква информација од Владата, немаме покана за средба сѐ уште добиено, меѓутоа самите податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека мораме да седнеме што побрзо, мораме да најдеме решение, бидејќи оние изјави на Владата дека ако дадат плати на вработените во администрацијата, инфлацијата ќе порасне не се точни, бидејќи гледаме дека инфлацијата веќе во големи проценти расте – рече Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ во денешната изјава.

Тој потсети дека расте цената на основните продукти за живот, на млекото, на јајцата, на лебот.

– Баш оние производи за коишто ние бараме плати да можеме да ги купиме и да ги однесеме дома. Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот. Овие вработени што ги гледате позади нас и денеска ќе добијат плата под минималната, бидејќи не се изменети посебните закони. Државата не ги почитува законите кои сама ги носи. Кажа и претседателот на ССМ вчера, ќе побараат од надлежните инспекторати, инспекторите да проверат, а колку ќе успеат инспекторите да ја казнат државата ќе видиме – рече Деаноски.

Синдикатот на управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска го реализираше најавениот протест со двочасовен прекин на работата во сите министерства, агенции, фондови, управи и судови каде имаат синдикални организации.

Тие бараат линеарно зголемување за сите плати за 2.806 денари, исплата на минимална плата по закон и потоа корекција на платите на сите вработени кои треба да добијат над минималната плата, која од неодамна е 18.000 денари.

Премиерот Димитар Ковачевски, смета дека не е добро што прво се најавија или веќе се организираат штрајкови како форма на притисоци, за тоа што на крај решение со кое ќе бидат задоволни сите мора да се најде низ преговори.

– Сметам дека треба да се зголемуваат сите плати, меѓутоа тоа зголемување на платите треба да се прави низ методолошка рамка којашто нема да биде направена веднаш во еден момент затоа, што тоа може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок од кој никој нема да има полза со оглед на тоа што зголемена инфлација само ќе ги изеде приходите коишто ги имаат работниците. Од таа причина и МТСП и вицепремиерот за економски прашања и министерот за финансии и министерот за образование се во постојани разговори со сите синдикати коишто покриваат различни гранки од општеството, рече премиерот во одговор на новинарско прашање вчера.

Деаноски појасни дека очекуваат во наредниот еприод Владата да се сретне со нив и да поразговараат, вели дека до сега никој не одоговрил на барањата за средба. За понатамошните мерки, доколку не се реши проблемот, рече дека повторно ќе го прашаат членството.