Униформи за средношколците, прочистувачи за водух, смарт-табли и мегапаркови најави Ѓорѓиевски во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Во рамки на буџетот на Град Скопје за 2026 година се предвидуваат средства за изградба на нови паркови, со цел зголемување на зелените површини и подобрување на квалитетот на живот. Како прв ваков проект е  најавен мегапаркот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во општина Бутел, кој, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, треба да прерасне во новото „зелено срце“ на Скопје и простор за дружење, рекреација и културни настани.

Паралелно со инфраструктурните зафати, Градот најави и сериозна реконструкција во образованието. Инвестициите започнуваат со изградба и обновување на спортски терени и игралишта во рамки на средните училишта низ Скопје, со цел поттикнување на физичката активност кај младите.

За реконструкција на училишните објекти во 2026 година се обезбедени 60 милиони денари. Планот вклучува поставување прочистувачи за воздух во секоја училница, како и целосна дигитализација на наставата преку смарт-табли, панели и компјутери. Дополнителни 86 милиони денари се предвидени за мерки за енергетска ефикасност, како и за обезбедување лаптоп за секој првенец на генерација.

Новина е и воведувањето униформи за учениците во прва година средно образование, организирање летни кампови за млади од ранливи категории, како и бесплатна психолошка поддршка достапна за сите ученици.

Од Град Скопје посочуваат дека овие мерки имаат за цел создавање поддржувачка, здрава и модерна средина за младите генерации.

Ѓорѓиевски рече дека начекал долгови од речиси 300 милиони евра, а на сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
 
„Наместо да се жалиме, засукавме ракави и почнавме да работиме. Денес можеме гордо да кажеме дека Скопје полека застанува на нозе и оди напред“, нагласи Ѓорѓиевски.
 
Пресмета дека  намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во „Дрисла“, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Лајка“, „Флораком“ и „Луна“, каде што претходно се доцнело по две плати, а се решавале обврски од околу 450 милиони денари.
 
Со првиот ребаланс на Буџетот за 2025 година е засилена наплатата и воведена финансиска дисциплина, а Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
 
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега“, потенцираше градоначалникот.
 
Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација.
 
Ѓоѓриевски додаде дека Скопје штеди и на плати за оние кои биле платен список на Градот, а не доаѓале на работа, околу 800 луѓе. Некои од нив биле заминати и во странство, но во соработка со МВР тоа го утврдиле, па средствата за нивни плати остануваат во градската каса.