УНИЦЕФ: Со новата програма за образование за животна средина, младите стапуваат во првите редови на климатската акција


На состанокот со Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за труд и социјална политика и со Шведската амбасада во Скопје, УНИЦЕФ го најави отпочнувањето на нова програма за децата насочена кон унапредување на образованието за животната средина и климатските промени.

– Оваа програма иако се однесува на важно прашање за целата земја, таа се концентрира и врз создавање можности и градење капацитети кај младите, со што тие ќе се оспособат да преземат акција за да дојде до промена. Ова опфаќа градење на нивните вештини за соработка, критичко размислување за живот во здрава околина и за климатските промени, како и за одговорен избор во секојдневниот живот. Сведоци сме на моќта на младите климатски активисти кои бараат поголема акција за климата и сакаме оваа програма да создаде можности младите од земјава да предводат национални иницијативи, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, за време на воведниот состанок меѓу партнерите.

Од УНИЦЕФ информираат дека климатските промени и деградацијата на животната средина, според Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Шведска, стануваат најголемите предизвици на нашето време; образованието и подигањето на свеста од најмала возраст, како што вели, се суштински елементи на глобалниот и локалниот одговор.

– Развојот на знаењето игра важна улога во градење здрави, зелени и климатски отпорни општества, при што децата на денешнината стануваат информирани и ангажирани млади граѓани на утрешнината. Поврзувањето на проектните цели со реформските процеси во земјата, исто така, го чини овој заеднички напор релевантен за европската перспектива и спроведувањето на Зелената агенда на Западен Балкан, рече Форсгрен Бенгтсон.

Како што соопшти УНИЦЕФ, опфаќајќи предучилишно, основно и средно образование, еден од аспектите на програмата ќе биде наставниците да добијат ресурси и капацитети за реализација на интересна содржина и активности со учениците во поддршка на еколошкото образование. Со програмата ќе се воспостават и механизми за професионален развој и колегијално учење на наставниците.

– Почитувањето и заштитата на нашето опкружување се учи и се негува од најмали нозе. Вклучувањето на образованието за животната средина и климатските промени во наставните програми е многу важно, но треба да биде придружено со солидни изборни и воннаставни активности, како и со можности за професионален развој на нашите наставници. Ние се залагаме за сеопфатна и заснована врз докази реформа на образовниот систем, а унапредувањето на еколошкото образование е дел од овој процес, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

Со програмата, посочуваат од УНИЦЕФ, на децата ќе им се овозможи широка низа платформи и алатки за искуствено, практично учење во областа на природните науки. Таа ќе креира места и можности за вежбање и активно дејствување, социјални иновации и претприемништво.

– Важноста на образованието во раното детство е цврсто потврдена од науката. Во градинките имаме можеби најдобра можност да ги воспитаме децата да развијат ставови и однесувања што ќе се пренесат и во полнолетството и ќе ги обликуваат нашата култура и заедници. Преку активности низ игра, децата го изразуваат и го прошируваат разбирањето за своето влијание и природниот свет околу нив, па со ваквото потенцијално предучилишно образование може да се постават темелите за еколошки свесни и проактивни граѓани, рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Програмата, додаваат од УНИЦЕФ, се стреми да придонесе кон систем кој создава јавна побарувачка за решенија на еколошко-климатските предизвици и ги поддржува младите активно да се вклучат во одговорот на сѐ поголемите ризици.

– Како министер за животна средина и просторно планирање, имав привилегија повеќепати да разговарам со младите за нивните ставови и загриженост околу животната средина и климатските промени. Овие дискусии претставуваа многу освежувачки и инспиративни моменти кои навистина ја ставаат нашата одговорност во перспектива. Она на што сум особено горд е што нивните мислења и сугестии се најискрени и многу директни, а во исто време  многу конструктивни и стратешки издржани. Оваа мотивација  треба да ја негуваме и да дозволиме да ја води нашата работа, рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.

Финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), тригодишната програма, како што наведуваат од УНИЦЕФ, претставува меѓусекторски напор за унапредување на образованието за животната средина и климатските промени. Со неа, додаваат, ќе се изгради основата на систем кој на децата им нуди знаење, оспособеност и можност да ја разберат, да се грижат и да ја заштитат животната средина како активни двигатели против штетните ефекти на климатските промени.