Унгарскиот кредит не е евтин – државата ќе плати 240 милиони евра за камата, плус компаниите кон банките 120 милиони евра


За 15 години, државата за кредитот од Унгарија од 500 милиони евра ќе треба да плати кон унгарската Експорт импорт банка 240 милиони евра за камата, а компаниите кои ќе можат да користат 250 милиони евра од овој кредит, на банките преку кои ќе се пласираат средствата ќе треба да платат уште 120 милиони евра. Ова за ТВ 21 го изјави даночниот експерт Павле Гацов, кој вели дека со оглед на овие услови, кредитот е неефективен.

„Сметководствена илузија е стапката од 3,25. Ние можеме да велиме дека од компаниите корисници е 3,25, но се разбира вкупниот трошок или ефективна каматна стапка, тоа што се бара според меѓународните стандарди да се известува е 6,50. Така да овој кредит нема да биде запамтен дека е со историски ниска еве каматна стапка 3,25, туку со 6,5 во вкупен износ“, изјави Гацов за ТВ21.

Павле Гацов

Тој посочува дека ако годишно кон Унгарија треба да се враќаат околу 16-тина милиони евра камати, по 15 години ќе испаднат околу 240 милиони евра.

„Но пазете, тоа ќе биде од буџетот вратено за овие 15 години за овие 500-тини, 500-тини зборувам, ќе треба да вратиме 240. Ако ги поделиме и општините, бидејќи и таму е тоа кредит и таму ќе треба ние да враќаме соодветно, а и општините се прилично тенки со свои буџетски приходи за да можат целосно да го покријат враќањето. Тоа ќе значи дека освен што ќе има враќање од буџетот на 240, за 15 години, домашните компании кон нашите банки за 250, зошто другите отидоа нели кај општините, ќе платат 120“, изјави Гацов за ТВ 21, додавајќи дека не е фер што каматата кон унгарската банка ќе ја плаќаат граѓаните преку буџетот.