Унгарскиот кредит ќе се потроши за патишта – дури 555 проекти се за улици


Фото: Б. Грданоски

 

И во вториот повик од Владата за аплицирање на локалните самоуправи за парите од унгарскиот кредит, најголем дел од проектите се однесуваат на рехабилитација и израдба на патишта, потврди денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.

„Од првиот јавен повик 225 се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура и се реализираат преку Министерството за транспорт. Согласно информациите кои ги добиваме за вториот повик, фокусот на локалната самоуправа се однесува на подобрување на патната инфраструктура. Од досегашните 450 апликации кои се пристигнати заклучно со вчера, повеќе од 330 се однесуваат на подобрување на патна инфраструктура“, рече Перински денеска на прес-конференција.

Според него, во новите апликации има проекти и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во делот на животната средина, има изградба на училишта, градинки, спортски сали.

Тој појасни дека од првиот јавен повик 251  од проектите се со склучен договор, а 140 се веќе почнати, 30 се целосно завршени, 33 проекти се во постапка на тендерирање за избор на изведувач, а само четири немаат отпочнато постапка. Односно, тендерската постапка кај нив била прекината, па сега треба повторно да се распише. 

Во вториот повик локалните самоуправи имаат на располагање до 15 милијарди денари или 250 милиони евра, а толку имаа на располагање и при првиот повик. (Б.Б.)