„Уна“ со Никола Ристановски го воодушеви Белград: Министерот Љутков на премиерата во театарот „Звездара“
„Уна“ е работена според култниот роман на Момо Капор, а во режија на Дејан Пројковски

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, викендов, присуствуваше на премиерната изведба на театарската претстава „Уна“, во режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски. Претставата се одигра на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ во театарот „Звездара“ во Белград. „Уна“ е работена според култниот роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица.
Белградската публика со громогласен аплауз и стоечки овации ги награди актерите: Никола Ристановски, кој го игра главниот лик – универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, Магдалена Мијатовиќ во улогата на студентката Уна, Сена Ѓоровиќ како сопругата на професорот Олга и Марко Гверо во улогата на проректорот Дукиќ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Ивана Ристиќ, а музиката на Горан Трајкоски.
Министерот Љутков истакна дека претставата „Уна“ е уште една потврда за високото ниво на соработка во културната размена меѓу Македонија и Србија, како и за креативната моќ на македонските уметници на меѓународната сцена.
Репризни изведби на „Уна“ се закажани за 13 и 26 октомври во театарот „Звездара“.
Режисерот Дејан Пројковски режираше за прв пат во театарот „Звездара“, каде што „Уна“ ја имаше својата 95-та премиера.
– Зошто токму „Уна“ денес? Затоа што во оваа приказна има сите важни теми што се дел од човечкиот живот. Прашањата секогаш се појавуваат кога се обидуваме да дефинираме некои работи, кога велиме љубов или среќа… Отсекогаш сум се прашувал дали бараме смисла кога ги кажуваме тие зборови. „Уна“ поставува многу важни човечки прашања, чии одговори се менуваат со текот на времето. Единственото нешто што не можеме да го спречиме е текот на времето. Читав еп кој вели дека вистинските прашања треба да се одговорат со патување во вашето срце и душа. Нашата претстава е токму такво патување, каде што ги бараме вистинските одговори. „Уна“ отвора теми и прашања што се важни и сега и во времето кога е напишан романот. Вечната тема за борбата меѓу поединецот и системот. Исто е и во Хамлет, исто е и во нашата претстава – рече режисерот Пројковски на пресот во Белград.
Никола Ристановски го толкува ликот на професорот Мишел Бабиќ и е исто така на сцената на театарот „Звездара“ за прв пат.
„Никогаш не сум имал желба или потреба да правам нешто во кое не верувам. Овој роман е дел од нашата колективна меморија од различни агли. Кога човек ќе почне подлабоко да копа во односите и контекстот во самиот роман, сфаќа дека е многу повертикален отколку што мислевме и потоа се отвора како егзистенцијална приказна помеѓу четири лица во контекст кој всушност е непроменлив. Системите, времињата, историскиот контекст се менуваат, но всушност човекот останува слаб, останува зачуден од прашањето за неговата минливост… останува корумпиран, тажен, весел, неодговорен. Човекот останува ист, а неговата суета, неговата потрага по слобода која всушност е парадоксална, е недостижна работа. Овој процес разбуди некое животно искуство во мене и со нетрпение очекувам да се обидам да ги споделам овие дилеми со публиката. „Звездара“ е можеби најдоброто место за тоа – рече Ристановски.