Украински морски дронови погодија руски десантен брод во Новоросијск (Видео)

Москва тврди дека нападот со морските дронови бил одбиен, но руските воени блогери објавуваат фотографии и видеа од погодениот брод кој стои навален


Погодениот руски брод е навален на една страна

 

Ноќта на 4 август, два бродски дронови  на Вооружените сили на Украина ја нападнаа руската поморска база во Новоросијск. Руското министерство за одбрана тврди дека ги одбиле нападите и дека бродовите без екипаж биле уништени, но руските воени блогери објавуваат спротивни вести.

Според фотографиите и видеата украинските бродски дронови го оштетиле големиот десантен брод „Оленогорски горњак“ и дека е навален на едната страна од експлозијата.

Исто така, на социјалните мрежи се појави видео на кое е снимен моментот на нападот на бродот.

На видеото се гледа како морскиот дрон се приближува до брод што се чини дека одговара на идентитетот на бродот на руската морнарица виден во пристаништето Новоросијск. Видеото од 36 секунди, снимено од самиот морски дрон, покажува како се приближува кон брод ноќе. Видеото завршува токму кога дронот стигнува до бродот.

Безбедносен извор на „Украинска правда“ изјави дека станува збор за заедничка специјална операција на Службата за безбедност со поморските сили на Украина. Истото го известуваат и другите украински телеграмски канали.

„Видеото покажува како бродскиот дрон на СБУ, наполнет со 450 килограми ТНТ, напаѓа непријателски брод со околу 100 членови на екипажот. Затоа, сите изјави на Русите за ‘одбиениот напад’ се лажни “, рече соговорникот на „Украинска правда“ во СБУ.

„Оленегорски горњак“ е долг 112 метри и припаѓа на руската северна флота. Тој се користеше за транспорт на војници и воен хардвер во окупираните украински пристаништа, а официјални лица во Киев рекоа дека е доволно оштетен за да биде ставен надвор од борбена акција.

Нападот на Новоросијск е првпат комерцијално руско пристаниште да биде цел на 18-месечната војна. Градот е главно руско пристаниште на Црното Море и е домаќин на поморска база, дворови за бродоградба и нафтен терминал. Тоа е клучно пристаниште за рускиот извоз.

Новоросијск е веднаш спроти Крим, каде што руското Министерство за одбрана соопшти дека спречило уште еден напад на Украина во текот на ноќта, соборувајќи 13 беспилотни летала.