Украинската делегација пристигна на мировните разговори


Украинската делегација пристигна со хеликоптер

Украинската делегација пристигна во областа на границата меѓу Украина и Белорусија за да учествува во разговори со руски претставници, соопштија од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Делегацијата е составена од високи политички личности, меѓу кои и министерот за одбрана.

„Во делегацијата се шефот на фракцијата Слуга на народот, Давид Арахамиа, министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников, советникот на шефот на канцеларијата на претседателот на Украина Михаило Подолијак, првиот заменик-шеф на украинската делегација во ТСГ Андриј Костин, пратеникот Рустем Умеров и заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Микола Точицки“, се вели во соопштението.

„Клучното прашање на разговорите е итен прекин на огнот и повлекување на сите војници од Украина“, се заклучува во соопштението.

Мировните преговори меѓу руската и украинската делегација требаше да започнат напладне по руско време (10 часот по средноевропско време), изјави во понеделникот член на руската делегација.

Поранешниот министер за култура Владимир Медински изјави дека руската делегација пристигнала во неделата вечерта.