Украина “свети“ и во војна


Вечерта на 23 февруари, Володимир Кудрицки, шефот на оперативниот систем за пренос на електрична енергија на Украина, го притисна копчето на закажаниот, рутински тест за да провери дали електроенергетскиот систем на Украина може да функционира изолирано три дена. Само неколку часа откако ја исклучи земјата од енергетската мрежа од советско време, поврзувајќи ја со рускиот и белорускиот електроенергетски систем, Русија ја нападна Украина.

Веднаш беше јасно, рече тој, дека раздвојувањето на електричната мрежа ќе стане трајно: „Сфатив дека нема да имаме начин да се вратиме во руската мрежа“.

Благодарение на итното поврзување со европскиот електроенергетски систем – Европската мрежа на оператори на преносни системи (ENTSO-E) – во рок од три недели, Украина имаше резервен план во случај да се соочи со масовни прекини или недостиг. Досега, Киев не мораше да бара таква помош од Европа. Украина произведува повеќе електрична енергија отколку што троши – главно од нуклеарна енергија, хидроенергија и обновливи извори – и не се соочи со никаков недостиг, делумно и како резултат на намалената побарувачка.

Украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, сè уште е управувана од украински персонал и покрај тоа што е под руска контрола и работи на „минимално ниво“, според извештаите. Украина склучи договор со САД за замена на нуклеарното гориво што инаку го добиваше од Русија.

Најголемиот предизвик беше борбата за заштита на нејзината енергетска инфраструктура од руско гранатирање и поправка на оштетените инсталации.

„Се разбира, тие го прават тоа намерно“, рече украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко, истакнувајќи дека руските сили ги гаѓаа рафинериите, како најголемата рафинерија во земјата во Кременчук, капацитетите за складирање гас и нафта и системите за пренос на електрична енергија.

„Најголемата штета е направена на далноводи и делумно електрични трафостаници и на ниво на преносна мрежа и на ниво на дистрибутивна мрежа“, вели Кудрицки.

Украина ја одржува својата мрежа во голема мера благодарение на помошта од надворешни партнери, вклучително и ЕУ, која испорачува опрема за поправка на оштетената инфраструктура – од кабли и прекинувачи до преносни столбови.Според мисијата на ЕУ, генераторите на гориво и струја беа, исто така, меѓу ставките „главен приоритет“ што ги бара Украина.

Напорот е управуван од Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ (ERCC), кој е дел од Генералниот директорат на Европската комисија за европска цивилна заштита и операции за хуманитарна помош, единица која обично ја координира помошта за земјите погодени од еднократни природни катастрофи како земјотреси или пожари. Таа, исто така, тесно соработува со Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена, кој обезбедува помош од приватните бизниси и ги поврзува тие напори со логистичкиот систем на ERCC.

Двете организации добиваат редовни ажурирања од Министерството за енергетика на Украина за резервите потребни за да се поправат расипаните системи и инфраструктура. Според директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, списоците на бараната опрема редовно надминуваат 10.000 предмети. Лорковски рече дека очекува следната листа да ја вклучи опремата потребна за поправка на електроенергетските капацитети што Украина ги користи за напојување на транспортот на возови бидејќи тие моментално се бомбардирани од Русија.

Опремата се транспортира до логистичките центри во Полска, Словачка и Романија, од каде потоа се испраќа преку граница во магацини во Украина. Земјата успеа да врати повеќе од 90 отсто од оштетената енергетската инфраструктура што си ја врати од руската контрола, според Кудрицки. Но, териториите кои сè уште се под окупација – како што е регионот на Донбас или градови како Мариупол, во југоисточна Украина – се друга работа. Во многумина, струјата е исклучена како резултат на борбите, а украинските тимови немаат пристап да вршат поправки.

„Се разбира, ние се обидуваме веднаш да ги поправиме недостатоците, но многу често… нашите техничари не можат да стигнат до местото каде што се случло нешто“, рече Галушченко. „Тоа е и опасна работа“, нагласи тој. „Некои техничари беа убиени кога  ги извршуваа овие поправки во близина на овие области на тешка војна и се разбира, тоа е, морам да кажам, најтешкото прашање во оваа ситуација“.

Покрај физичките оштетувања на нејзината инфраструктура, електроенергетскиот систем на Украина се соочува со огромен пад на приходите како резултат на малата побарувачка. Ако работите не се подобрат, на електроенергетските компании наскоро може да им недостасуваат средства за да продолжат со работа.

Според проценките на Меѓународната агенција за енергетика, потрошувачката на електрична енергија во Украина за време на војната е намалена за 40 отсто. Максим Тимченко, извршен директор на DTEK, најголемата приватна компанија за електрична енергија во Украина, рече во мај дека дефицитот во енергетскиот сектор достигнува 250 милиони долари месечно. Тој додаде дека „логичното решение за да се избегне финансиски колапс е целосниот извоз на електрична енергија во Европа“.Кудрицки процени дека Украина има околу 2 гигавати (GW) до 3 GW резервна моќност – но рече дека поради технички проблеми, не може целата да се извезува.

Според Галушченко, финализирањето на синхронизацијата на мрежата на Украина со онаа на ЕУ ќе помогне да се реши проблемот.

„Веќе добивме техничка синхронизација, сега бараме комерцијална синхронизација, што значи дека би можеле да почнеме да ја продаваме нашата електрична енергија во Европа“, рече тој. „Тоа траеше некое време, но сега зборуваме за итен случај“. Украина инсистира на тоа дека забрзувањето на процесот ќе биде од корист не само за Киев, туку и за ЕУ, која се обидува да се одвикне од увозот на руски фосилни горива до 2030 година.

„Украина претставува одлична можност да се купи безкарбонизирана електрична енергија“, рече Кудрицки, истакнувајќи дека овој потег ќе и помогне на Украина да го одржи својот енергетски сектор во живот.

„Тоа е победничка ситуација и за Украина и Европа“. (Политико)