Странски туристи пронајдени во бунар во Мексико, биле застрелани во глава


Телата на тројца туристи пронајдени во бунар во северозападно Мексико имале рани од куршум на главата, соопштија локалните власти, а пренесува Би-Би-Си.

Австралиските браќа Џејк и Калум Робинсон (30 и 33) и нивниот пријател, Американецот Џек Картер Роуд (30) исчезнаа на 27 април додека сурфаа во Енсенада, а нивните тела беа пронајдени во саботата.

Роднините на тројцата мажи ги идентификувале нивните тела синоќа откако отпатувале во Мексико за да помогнат во нивното идентификување.

Официјални лица веруваат дека мажите биле нападнати додека се обидувале да се одбранат од обидот да им го украдат камионот. Напаѓачите, наводно, ги нападнале мажите и возилото заради гумите, а притоа застрелале тројца туристи кои пружале отпор, изјавила државната обвинителка на Долна Калифорнија, Марија Андраде.

Нивните тела се пронајдени во бунар длабок 4 метри, на околу 6 километри од местото на нападот во градот Санто Томас.

Во близина се пронајдени напуштени шатори, запален бел пикап и нивните телефони.

Во споменатиот бунар е пронајдено и четврто тело, кое било подолго и не е поврзано со случајот, соопштија надлежните.

Тројца осомничени се приведени поради сомнение дека директно или индиректно учествувале во нападот. Долна Калифорнија е една од најопасните и насилните сојузни држави во Мексико, често сцена на конфликти меѓу локалните нарко банди.

Но, областа Енсенада, на околу 120 километри јужно од границата меѓу САД и Мексико, е популарна за сурфање и се смета за безбедна, а долго време привлекува туристи од Калифорнија.