Украина подготвена за „не-НАТО“ модел – што ќе донесе третата рунда мировни разговори


По една и пол недела војна, Украина и Русија се очекуваше да се сретнат на третата рунда преговори, за кои двете страни рекоа дека може да се одржат денеска. Локацијата и точното време на разговорите првично не беа соопштени.

Двете делегации последен пат се состанаа во регионот Брест во западна Белорусија на две рунди мировни преговори и се договорија да има хуманитарни коридори за градовите Мариупол и Волноваха за да се олесни евакуацијата на цивилите. Сепак, обидот за евакуација на Мариупол не успеа вчера, соопштија од Кремљ и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК). Русија и Украина ја разменија вината за непридржување кон договорениот прекин на огнот.

Шефот на украинската делегација за разговори со Русија, Давид Арахамија, ги отфрли суштинските барања на Русија како „неприфатливи“ во интервју за Фокс њуз.

– Не би рекол дека се движиме брзо затоа што секојдневно имамногу убиени луѓе, особено цивили, рече тој вчера на прашањето за напредокот на преговорите.

– Тешко е, искрено, но ние се уште демонстрираме одреден напредок. Барем две групи се слушаат меѓусебно и активно разговараат за различни работи.

Арахамија додаде: „Единствените делови за кои е речиси невозможно да се договорат се Крим и таканаречените републики кои Русија инсистира да ги признаеме како независни. Тоа не е прифатливо во украинското општество“.

Украина нема да прави компромиси за својот територијален интегритет во преговорите со Русија, но е подготвена да преговара за модел според кој нема да биде членка на НАТО во иднина, изјави за Фокс њуз Давид Арахамија, еден од украинските преговарачи.

Украина бара членство во Европската унија и НАТО, на што Москва се противи. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека можноста за членство на Украина во НАТО е доказ дека НАТО врши агресија против Русија.

– Одговорот што го добиваме од земјите на НАТО е дека тие не се подготвени ни да преговараат за нашето членство, барем не во следните пет до десет години, рече преговарачот Арахамија.

– Подготвени сме да преговараме за не-НАТО модел. На пример, би можеле да добиеме директни гаранции од различни земји, како што се САД, Кина, Велика Британија и можеби Германија и Франција. Подготвени сме да разговараме со поширок опсег на земји, не само билатерално со Русија, туку со другите партнери“, додаде тој.

Не-НАТО модел (МННА) е име дадено од Соединетите Американски Држави на владите на блиските сојузнички земји кои имаат стратешки односи со вооружените сили на САД, но не се членки на НАТО. Нивниот статус не вклучува договор за взаемна одбрана со САД, но носи различни воени и финансиски предности кои инаку не се достапни за земјите кои не се членки на НАТО.