Украина го нападна рускиот град каде се стационирани стратешките бомбардери

Ноќта на 20 март, рускиот град Енгелс беше подложен на најмасовниот напад од украински беспилотни летала од почетокот на војната, објави гувернерот на регионот Саратов, Роман Бусаргин. Според него, по нападот со беспилотно летало, избувнал пожар на воениот аеродром „Енгелс-2“, каде што е сместена стратешката авијација, особено стратешките бомбардери „Ту-95МС“ и „Ту-160“, кои можат да носат нуклеарни бомби. „Од безбедносни причини, поради пожарот на територијата на аеродромот, во тек е евакуација на жителите во непосредна близина на објектот. Сите служби за итни случаи се на лице место“, напиша Бусаргин на својот канал Телеграм.
Како што пишува медиумот „Астра“, силен чад што се издига над аеродромот и може да се види оддалеку. Според „Маш“, украински беспилотни летала нападнале и складиште за нафта во Енгелс. Откако паднале остатоци, таму избувнал пожар. Ова би можело да биде базата на фабриката „Кристал“, која складира гориво за стратешките бомбардери. Дополнително, како резултат на нападот со дрон, во градот беа оштетени 30-ина куќи, како и градската клиничка болница „Енгелс бр. 1“, две градинки и училиште, рече Бусаргин. Две лица се повредени, им е укажана лекарска помош. Градските власти одлучија сите часови во училиштата да се одржуваат од далечина.
Според извештајот на Министерството за одбрана, силите за воздушна одбрана синоќа собориле 132 украински беспилотни летала над руска територија. Од нив, 54 биле во Саратовскиот регион. Беспилотни летала беа соборени и во регионот Воронеж (40 дронови), Белгород (22), Ростов (девет), Курск (три) и Липецк (еден). Три беспилотни летала беа соборени и над анектираниот Крим.
Енгелс се наоѓа на 700 километри од првата линија на фронтот во Украина.