УКИМ: Полскиот амбасадор ја отвори Универзитетска програма за изучување на холокаустот

На Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) беше означен почетокот на Третата универзитетска програма за изучување на холокаустот.
Во рамките на свеченото отворање, покрај продеканот на Факултетот, проф. д-р Драган Гоцевски и раководителот на Универзитетската програма, проф. д-р Мишо Докмановиќ, се обрати и Амбасадорот на Република Полска, Мариуш Бримора. Тој зборуваше за полските искуства во врска со сеќавањето на холокаустот, а одговараше и на прашања на студентите.
Програмата се реализира трета година по ред и опфаќа можност за изучување на шест курсеви поврзани со историјата на холокаустот. Курсевите се отворени за сите студенти на УКИМ, а оваа година ќе ги следат рекордни 88 студенти во зимскиот семестар.
Курсевите се реализираат со поддршка на Claims conference New York (Конференција за еврејските материјални побарувања од Германија) и германското министерство за финансии.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е еден од десетината водечки европски универзитети на кои се реализира оваа програма.