УЈП: Примена на намалена стапка на ДДВ за горива од 18 на 10 отсто – задолжително усогласување на фискалните системи


Фото: Б. Грданоски

Согласно Одлуката на Владата за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена даночна стапка донесена на вонредна владина седница одржана вчера во периодот од 24 март (00:01 часот) до 6 април (24:00 часот) 2026 година ќе се применува повластена даночна стапка на прометот на енергенсите (горивата) од 10 отсто, соопшти Управата за јавни набавки.

-Управата за јавни приходи информира дека сите даночни обврзници кои вршат трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници се должни навремено да извршат усогласување согласно Тарифникот од Одлуката, односно да ги прилагодат фискалните системи, ценовниците и фактурирањето, со цел правилна пресметка, евидентирање и прикажување на повластената стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10 отсто, се наведува во соопштението на УЈП.

Управата за јавни приходи укажува дека примената на оваа мерка мора да биде доследна и во согласност со законските одредби. УЈП ќе врши засилени контроли со цел да се обезбеди целосно почитување на истите, при што за евентуални неправилности ќе бидат преземени соодветни законски мерки.

Ги повикува сите засегнати субјекти да постапуваат согласно прописите и да придонесат кон транспарентно и законито работење, во интерес на граѓаните и економијата.