УЈП повикува да се плати веднаш доспеаниот данок од ДЛД-ГДП за 2023 и да се избегне присилна наплата

Согласно евиденцијата на УЈП, 4.767 даночни обврзници ја немаат платено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во Годишната даночна пријава за 2023 година што требаше да се плати до 30 јуни годинава


Управата за јавни приходи денеска преку соопштение ги повика сите даночни обврзници кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2023, да го платат веднаш својот даночен долг.

Согласно евиденцијата на УЈП, 4.767 даночни обврзници ја немаат платено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во Годишната даночна пријава за утврдување на данокот на личен доход („ДЛД-ГДП”) за 2023 година што требаше да се плати во законскиот рок до 30.06.2024 година.

Од УЈП посочуваат дека во следниот период ќе се премине кон опоменување и присилна наплата на доспеаните неплатени долгови по овие основи што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 отсто дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата.

За чекорите на плаќање, повеќе информации види ЛИНК

„Ги поттикнуваме оние даночни обврзници со даночен долг над 10,000 денари кои имаат потешкотии во обезбедувањето на тековна ликвидност и платежна способност, а редовно ги исполниле другите даночни обврски, да поднесат барање за одложено плаќање кое е достапно на следниот ЛИНК “, велат од УЈП.

Од таму посочуваат дека е достапен и Калкулатор на кој може да се направи пресметка колкава месечната рата за отплата на долгот во постапка за одложено плаќање треба да се плати, според износот на главен долг за одреден број на месечни рати.