УЈП демантира дека ставиле пломба на дискотеката „Пулс“, била само казнета

УЈП вели дека на дискотеката „Пулс“ ѝ била изречена казна за сторен прекршок, а дека бил „пломбиран“ друг усгостителски објект за сличен прекршок


Фото: Б. Грданоски

 

Управата за јавни приходи денеска демантира дека во декември лани ставиле пломба на дискотеката „Пулс“, но потврдија дека изрекле казна за сторен прекршок, согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања. Оттаму велат дека за таков прекршок ставиле пломба на друг угостителски објект.

Во соопштението до медиумите од УЈП велат дека „поради сензитивноста на случајот, а во интерес на истрагата за овој трагичен настан, Управата за јавни приходи ќе се воздржи од соопштување на информации, со цел на било каков начин да се спречи влијае на истрагата која е во тек“.

Како што посочуваат Управата за јавни приходи соработува со надлежните органи во насока на обезбедување на потребни докази и информации за потребите на истражните и кривичните постапки.

Еве што се вели уште во соопштението:

„Ја користиме оваа прилика за апел – да не се шпекулира со информации и да не се изнесуваат информации кои не се потврдени од истрагата, вклучувајќи ги и информациите кои произлегуваат од законските надлежности на УЈП, имајќи предвид дека целокупната јавност е потресена од овој трагичен настан.

Би ги демантирале шпекулациите во јавноста во насока на обиди за политизација, како и пласираните информации од некои медиуми, а кои во ниту еден момент не се побарани да бидат потврдени од УЈП, ниту се дадени од УЈП.

Не се точни информациите дека во декември 2024 година дискотеката ‘Пулс’ била ‘пломбирана’ од УЈП, но она што можеме да го потврдиме е дека за овој објект е изречена казна за сторен прекршок во декември 2024 година, согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.

‘Пломбирање’ кое се пласира и за кое се шпекулира во јавноста е извршено кај друг угостителски објект (со друг назив) кој бил предмет на контрола и за кој е изречена привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена во периодот јули 2023 година, по претходно извршени контроли од УЈП согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.

Во рамките на законските надлежности на УЈП, кај должникот обврзник ‘ММММ Кафе’ ДООЕЛ во неколку наврати во период од крајот на 2022 година се реализирани постапки на извршување на неплатен долг со блокада на сметка и долгот е наплатен, по што сметката по автоматизам се деблокира од банката. Но, од август 2024 година постапките за извршување на долгови, сѐ уште се активни заради наплата од средства на должникот во банките по повеќе основи (даночни долгови и плати).

Би укажале дека блокирање на сметка, како мерка, согласно законот за даночна постапка, е предвидена во постапка на извршување односно наплата на долг во постапка на присилна наплата која ја спроведува УЈП. Во постапка на присилна наплата на долг согласно Законот за даночна постапка не е предвидена мерка затворање на објект. Блокирањето на сметка како мерка, и привремена забрана за вршење на дејност како мерка, се изрекуваат за различни основи, согласно различни закони и во различни постапки кои ги спроведува УЈП“, се вели во соопштението до медиумите.