УЕФА не се откажува од одржувањето на натпреварот во Доха
Европската фудбалска унија (УЕФА) сè уште планира Доха да биде домаќин на натпреварот меѓу Шпанија и Аргентина, познат како Финале, и покрај конфликтот на Блискиот Исток, објави денес АП.
„Во моментов не се разгледуваат алтернативни места за натпреварот. Конечната одлука се очекува на крајот од следната недела“, објави УЕФА за натпреварот закажан за 27 март во Доха меѓу актуелните шампиони на Европа и Јужна Америка.
Организатори на натпреварот се УЕФА и „КОНМЕБОЛ“.
Фудбалските репрезентации на Шпанија и Аргентина треба да играат на стадионот Лусаил, каде што се одржа финалето на Светското првенство во 2022 година меѓу Аргентина и Франција.
„Во тек се разговори со локалните организатори кои вложија огромен напор за успешно организирање на натпреварот“, објави УЕФА.
АП наведува дека доколку Доха претставува преголем безбедносен ризик, натпреварот би можел да се премести во Шпанија или во друг град во Европа.
Првиот таков натпревар, финалето, се одигра на Вембли во јуни 2022 година, кога Аргентина ја победи Италија со 3:0.