Училишна кошничка со попуст до 15 отсто – предлага Министерството за економија и труд


Производите во рамки на т.н. училишна кошничка ќе бидат означени и поставени на видно место, со јасно истакнати цени, а попустот ќе биде прикажан и на самата фискална сметка
Пред стартот на новата учебна година, Министерството за економија и труд до Владата достави предлог-одлука за воведување училишна кошничка за попуст на училиштен прибор до 15 проценти.

„Училишната кошничка, во консултации со трговците на големо и мало кои продаваат училиштен прибор, е прифатена како соодветен и практичен модел за намалување на трошоците за родителите пред почетокот на новата учебна година. Составот и крајната цена на кошничката ќе се разликува од трговец до трговец, во зависност од изборот, квалитетот и брендот на производите“,посочуваат од Министерството за економија и труд.

Производите во рамки на т.н. училишна кошничка ќе бидат означени и поставени на видно место, со јасно истакнати цени. Попустот ќе се пресметува на каса и ќе биде прикажан на фискалната сметка. Од ресорното министерство информираат дека предлог-одлуката е доставена до Владата и ќе биде разгледана на следната владина седница во вторник, по што ќе се донесе одлука за нејзино усвојување и спроведување.

„На следната владина седница во вторник ќе донесеме одлука за формирање на училишната кошничка. Мислам дека во рамки на можностите сето тоа ќе биде атрактивно и за родителите и за учениците. Така што, во вторник имаме редовна владина седница и тоа ќе се донесе како одлука“, потврди денеска и премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Прилеп.

Во рамки на училишната кошничка се очекува да бидат опфатени ранци, тетратки, моливи, маркери, блокови и други основни училишни производи што најчесто се купуваат пред почетокот на учебната година.

Мерката беше спроведена и минатата година.