Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ имаат настава во влажни подрумски простории

Скандалозен почеток на учебната година во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде учениците од 6-то одделение се приморани настава да следат во руинирани подрумски простории, полни со влага, смрдеа и недостиг на природна светлина, се наведува во соопштението од Левица што МИА го пренесува интегрално.
Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да учат и да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага.
Ваквото понижување на најмладите е срам за општината и директна одговорност на локалната власт, која наместо да обезбеди елементарни услови за настава, ги изложува децата на здравствен ризик и психолошка траума. Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, а во изминатиот мандат не направија ништо.
Левица – Аеродром бара итно обезбедување на нормални услови за овие ученици и нивно преместување во други училници, каде би ја следела наставата. Мора да се стави крај на оваа срамна состојба и сите деца во Општина Аеродром да добијат достоинствени услови за образование.