Учениците како заложници

Прашање е со каков кредибилитет ќе настапува раководството на СОНК, а пред се неговиот претседател Јаким Неделков, во наредните преговори со Владата и колку ќе може да се верува дека е постигнат договор, ако потоа се повлече од она што самиот го прифатил


На нешто повеќе од еден месец до официјалниот крај на учебната година веќе може да се констатира дека учениците (повторно) се најголемите губитници.

Она што во изминатите две години се случуваше поради „виша сила“, односно поради пандемијата со корона вирусот и принудното следење на наставата од далечина или преку разни хибридни модели, што се одрази врз нивниот социјален живот и образовен процес, сега се надополни и со штрајкот на наставниците кои бараат поголеми плати.

Без оглед како ќе заврши овој штрајк и без да се навлегува во (не)оправданоста на барањата на Синдикатот за образование, наука и култура, сепак, во таа битка за подобар стандард, од видикот како да ги снема оние кои се најважни – учениците.

Дури, тие на некој начин станаа заложници во оваа „битка“ меѓу СОНК и Владата. За многу од нив, перспективата која што училиштето може да им ја отвори во животот е веќе загубена – според информациите кои што ги пласираа дел од медиумите, тоа најмногу се однесува на матурантите, особено на оние кои сакаат да се запишат на престижни универзитети во странство или веќе се примени условно на некои од нив, загубите се ненадоместливи.

Не помалку тоа се однесува и на другите ученици за кои веќе се пробиени и законски предвидените денови кои треба да се поминат на училиште, а кои веќе поради ковидот беа скратени. Сега веќе и не е толку важно дали школската година ќе биде пролонгирана или наставните планови ќе се „набијат“, односно ќе има скратена настава со цел наврат-нанос да се „претрча“ она што е запишано во наставните програми – ефектот ќе биде многу помал во споредба со редовната настава.

Притоа, сите засегнати страни постојано повторуваат дека интересите на учениците се во преден план, како и дека сите настојуваат да имаме квалитетно образование.

Но, за жал во практика не е така. Доволно е да се погледне што пишува во некои од извештаите на кредибилни институции да се види дека сме далеку од светските стандарди, а со тоа и со можноста образованието да придонесува за економскиот развој. Потврда за ваквите констатации се резултатите од ПИСА тестовите, каде што нашите ученици се на дното според постигнатите резултати, но и Извештајот за човековиот развој на Светска бака каде што Индексот на човечки капитал е понизок од просекот за регионот и во однос на земјите со слично ниво на приходи. Или, како што стои во Извештајот од 2018 година децата во Северна Македонија, на 18-годишна возраст, се очекува да имаат поминато 11,2 години во предучилишно, основно и средно образование. Сепак, кога годините на школување ќе се прилагодат на квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на 6,8 години, што значи дека постои образовен јаз од 4,4 години. Индексот покажува дека дете родено денес во Северна Македонија, кога ќе порасне ќе биде продуктивно само 53 проценти од она што би можело доколку имало соодветно образование и било сосема здраво.

И покрај спроведените образовни реформи изминатите години, сепак мали се шансите овие индикатори да се имаат променето на подобро, за што секако голем дел отпаѓа на пандемијата, но и на севкупните состојби во земјата и отпорите кон промени.

Стандардот на наставниците секако е важен дел од мозаикот кој треба да придонесе да се подобрат состојбите во образованието, но прашање е дали продолжувањето на штрајкот, а особено неговото политизирање, е најдобриот начин да се постигне таквата цел. Особено што раката веќе беше подадена помеѓу засегнатите страни – од една страна на раководството на СОНК, а од друга на надлежните владини министри.

Прашање е со каков кредибилитет ќе настапува раководството на СОНК, а пред сѐ неговиот претседател Јаким Неделков, во наредните преговори со Владата и колку ќе може да се верува дека е постигнат договор, ако потоа се повлече од она што самиот го прифатил после „долги и тешки преговори“, како што самиот изјави. Особено што на преговорите (значи и за резултатите од нив) ја имаа и поддршката од директорката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE), Сузан Флокен. А, кога договорот е постигнат и на средба на која е присутен и премиерот Димитар Ковачевски, тогаш е несериозно договореното да се отфрли и да се инсистира на максималистичките барања. Тие можеби се оправдани, особено имајќи ги  предвид поскапувањата и зголемената инфлација, но прашање е колку се и буџетски издржливи, ако се знае дека по постигнувањето договор за минималната плата, апетитите за повисоки примања кај буџетските корисници значајно се зголемија, односно барањето на СОНК не е единственото, за што Владата секако треба да води сметка и да ги има предвид можностите на државната каса.

На терен, „картите“ целосно се измешаа, па по училиштата има апсурдни ситуации во кои наставници или училишта не штрајкуваат, но тоа го прават дел од учениците. Некаде тие треба да дојдат само на час или два кај оние наставници кои не се придружија на штрајкот, но што потоа?

Капак на сѐ е политизацијата на штрајкот, што може да се види и преку протестите кои беа организирани од дел од членството на СОНК, по договореното со Владата, што очигледно покажува дека некому не му одговара таков компромис, без оглед што во сегашниве околности на енергетска и секаква друга криза, тоа ќе овозможеше да се сочува стандардот на наставниците, а децата да се вратат во школските клупи и да се приврши учебната година со што помалку загуби за учениците.

Но, политичките партии кај нас, како и за многу други работи, ја применуваат тактиката „колку полошо (во општеството) толку подобро (за нив)“, па во таквите дејствија се применуваат и недолични постапки со кои се оцрнуваат дури и најмладите, претставниците на асоцијациите на средношколците. Или, од една страна се вели дека се поддржуваат барањата на наставниците за зголемување на платите за 18,4 отсто, а од друга страна се критикуваат состојбите во Буџетот, од каде што потребните средства за исплата на зголемените плати треба да се обезбедат.

Како и да е, јасно е дека наставниците ќе добијат повисоки плати. Дали тоа ќе биде 12 отсто колку што се договорија со Владата, или 18 отсто на колку што инсистираат, или пак нешто помеѓу, во моментов дури е од второстепено значење. Бидејќи, кога после сѐ ќе се повлече црта, и учениците, и нивните родители, а секако и наставниците кои ги водат низ образовниот процес веројатно ќе се согласат дека годинава наместо децата да ги откриваат тајните низ образовниот процес, тие се сведоци на постапки кои ги оддалечуваат од тоа.