Ученици од Прилеп и од Шабац редизајнираа стара облека – заедно до одржлива мода
На креативните работилници, учесниците стекнаа основни знаења и вештини за редизајнирана стара облека и употреба на текстилен отпад
Да се употреби истата стара облека, од неа да се создаде ново парче гардероба, кое и понатаму може да се носи, е еден од методите за борба против хиперконсумацијата, а токму тоа го учеа и развиваа учениците од прилепското текстилно училиште заедно со нивни врсници од Стручното хемиско и текстилно училиште од Шабац.
СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, од 21 – 27 март годинава ја реализираше првата размена од проектот „Sustainability as a determination and a road to the futurе“ RYCO Superschools.
На гости им дојдоа дванаесет ученици од Шабац, со кои беа реализирани неколку работилници, обуки и изложби.
Координатори на проектот се Јулијана Поповска професор по стручни предмети во текстилно-кожарска струка СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп и Драгица Миќиќ професор по практична настава во текстилна струка„Стручно хемиско и текстилно училиште“ од Шабац.
– Наше партнер училиште во проектот е „Стручно хемиско и текстилно училиште“ од Шабац. Во размената се вклучени дванаесет ученици, Техничари за изработка на облека од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп со двајца професори и дванаесет ученици – модни кројачи од Стручно хемиско и текстилно училиште од Шабац со двајца професори. Реализацијата на првата размена во Прилеп помина одлично, со реализација на сите активност во дружење, пријатно расположение и позитивна енергија – вели Поповска за „Независен“.
Според неа, учениците се дружеле и се забавувале во текот на посетата.
– Пријатно е кога гледате насмеани, задоволни и среќни ученици, ученици кои се заблагодаруваат на гостопримството, на можноста која ја имале да бидат дел од размената. Убаво е да слушнете дека ја сакаат Македонија и сакаат да останат тука, а планираат да поминат летен распуст во Македонија кај учениците домаќини – додава Поповска.
Во рамките на проектот се реализираа интерактивни работилници кои имаа цел имплементација на процесите за градење на мир, помирување, мултикултурен дијалог и учење помеѓу училиштата, учениците и локалната заедница.
Ирина Тошева одржа онлајн презентација, запознавајќи ги учениците од текстилно – кожарската струка при СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп заедно со партнер училиштето Стручна хемијска и текстилна школа Шабац со концептот на одржлива мода, начини на доработка со текстилни остатоци и редизајнирање на постоечки парчиња облека.
На креативните работилници, учесниците стекнаа основни знаења и вештини за редизајнирана стара облека и употреба на текстилен отпад и ја подготвија изложбата „Being different is in fashion“ која беше изложена во фоајето на домот на културата „Марко Цепенков“.
– За време на реализација на размената секој од секого учи – ние од учениците, учениците од нас – сите имаме иста цел и сме еднакви. Научивме многу нешта, кој сме ние, што имаме исто, а што различно, како да ги почитуваме различностите, како да ги надминеме бариерите пред нас, како да комуницираме, разговараме и толерираме. Верувам дека по оваа размена ќе се сменат многу перцепции, а и животни приказни – вели Поповска.
Таа тврди дека јазична бариера речиси и да не постоела со оглед на сличноста помеѓу двата народи, култура, традиција, а и сличноста на јазикот кој се користи.
– Уучениците многу брзо се поврзаа едни со други, а со тоа се разви и меѓусебна соработка, иницијатива, радозналост и храброст за вклучување во сите активности, одлични интерактивни работилници и јас верувам дека оваа размена ќе ја паметат цел живот. Размена полна со емоции, топлина, љубов, позитивна енергија – вели Поповска.
Во рамките на проектот учесниците имаа можност да се запознаат со градот Прилеп и да ги посетат неговите обележја и културно историски споменици.
Македонските ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп од 11-17.04.2022. гостуваат во Шабац на втората размена во рамките на проектот „Sustainability as a determination and a road to the a road to the futurе“ #RYCO #Superschools каде ќе се надоградат знаењата од областа на одржливата мода и инплементација на процесите за градење на мир, помирување, мултикултурен дијалог и учење помеѓу училиштата, учениците и локалната заедница.
– Очекуваме да продолжиме со истата енергија која ја создадовме за време на размената во Прилеп, а пријателствата кои ги формиравме да траат цел живот. Соработката помеѓу училиштата да прерасне во традиција – вели Поповска.
Сo овој проект и покрај имплементацијата на активностите за поддршка на процесот на градење мир и помирување и меѓукултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници, цел е и стекнување одговорен на однос на учениците и локалната заедница кон употребата, дизајнот, потрошувачката и продажбата на облека како и подигнување на свеста за заштита на животната средина, употребата на стара облека и негативната страна на хиперконсумација на облека. Но, и подигнување на свеста, неутрализација на дискриминацијата и разбивање на стереотипите, промена на перцепцијата кон учениците кои учат во средните училишта, текстилна струка.
Проектот е одобрен за финансирање од програмата RYCO Superschools. Superschools е програма на RYCO за училишна размена во Западен Балкан со цел да се поддржи процесот на градење мир и помирување и меѓукултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. Програмата е дел од мултидонаторскиот проект “Western Balkans School Exchange Scheme” кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со Регионална канцеларија за младинска соработка (RYCO).