Убиените Украинци се закопуваат во ровови


Цивилите што беа убиени во безмилосното руско бомбардирање на Чернихив се закопани во ровови. Бидејќи главните градски гробишта во Јацево се под постојано гранатирање од руските окупатори, жртвите се закопани во шумата Јалившчина. 

Според украинските медиуми, во воените бомбардирања и престрелки досега се убиени 38 деца, а 840 се ранети. Бројот на цивилите е над четиристотини. Според Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации,пак, потврдено е дека најмалку 364 цивили се убиени, меѓу кои 25 деца, а 759 се повредени, но се додава, реалните бројки веројатно се „значително повисоки“. Само денес двајца родители заедно со нивните две деца беа  убиени  во Ирпин. Семејството се обидувало да побегне на побезбедно место.

„Повеќето регистрирани цивилни жртви се предизвикани од употреба на експлозивно оружје со широка област на удар, вклучително и гранатирање од тешка артилерија и мултилансирни ракетни системи, како и од ракетни и воздушни напади“, се наведува во соопштението од Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХЦХР). Накратко кажано, ваквото убивање на цивилите е воено злосторство, при што масовното разурнување сугерира дека се врши и етничко чистење, бидејќи тие чии домови се разурнати ќе нема каде да се вратат.