Убиениот струмичанец бил продавач на девизи, со себе носел 26.000 евра
Педесет и двегодишен жител на струмичкото село Добрејци е осомничен за убиството на Ристо Илјашев (57) од Струмица, кој од 7-ми минатиот месец се водеше како исчезнат, а неговото тело беше најдено завчера во метално буре во близина на браната „Турија“.
Хризантема Рендевска, портапролка на СВР Струмица на денешната прес-конференција информираше дека по извршената обдукција било утврдено дека смртта настанала по насилен пат.
-По преземените опсежни активности и истражни мерки и врз основа на прибраните материјални докази СВР Струмица на 16 мај оваа година до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против лице со иницијали М.В. (52) од село Добрејци, Струмица, за извршено кривично дело „Убиство“. Отворена е истрага бидејќи постои основано сомнение дека осомничениот на 7 мај оваа година на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Илјашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството. Истиот ден судија за претходна постапка во Основен суд Струмица на осомничениото лице му изрече мерка притвор во траење од 30 дена, рече портпаролката Рендевска.
По наредба на јавен обвинител биле преземени повеќе дејствија, извршени претреси на повеќе локации, била организирана опсежна потрага по исчезнатото лице особено во реонот на браната Турија, каде било забележано возилото на осомничениот. Биле обезбедени и други материјални докази, а дополнително во работилницата, сопственост на осомничениот во село Добрејци, се пронајдени биолошки траги кои потекнувале од жртвата.
Во соопштението на Основното јавно обвинителство Струмица, пак, се информира дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од село Добрејци кое е осомничено дека сторило кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик. Истрагата е отворена, бидејќи постои основано сомнение дека осомничениот на 7 мај на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Илјашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството.
-Осомничениот од претходно се познавал со жртвата и на критичниот ден се понудил да го превезе со својот автомобил „фиат пунто“. Од тој момент на Илјашев му се губи секаква трага и тој повеќе од еден месец се водеше како исчезнато лице. По наредба на јавен обвинител, беа преземени повеќе дејствија, беа извршени претреси на повеќе локации и беше организирана опсежна потрага по исчезнатото лице, особено во реонот на браната Турија, каде што било забележано возилото на осомничениот. Притоа, со обезбедените снимки од видео надзорот на околни објекти е утврдено дека Илјашев на критичниот ден се качил во автомобилот на осомничениот во Струмица, иако осомниченото лице во своите искази дава контрадикторни информации за тоа дали го превезувал оштетениот. Дополнително, во работилница во сопственост на осомничениот во село Добрејци беа пронајдени биолошки траги кои потекнуваат од жртвата, стои во соопштението на ОЈО Струмица.
Од струмичкото обвинителство информираат дека на 20 јуни во водите во близина на браната „Турија“ било пронајдено буре во кое се наоѓало тело на починато лице.
-За да се задржи под водата, бурето било оштетено и во него биле поставени тегови. По наредба на јавен обвинител, беше извршена ДНК анализа со која се утврди дека починатото лице е исчезнатиот Илјашев. Тој бил уличен препродавач на девизи, а кај него не биле пронајдени околу 26.000 евра кои, според неговите блиски, ги носел со себе на денот кога исчезнал, се додава во соопштението на ОЈО Струмица.
Основното јавно обвинителство Струмица наредило обдукција на починатото лице, вештачење на неговата облека и на предметите пронајдени во бурето, а се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на настанот.
Поради опасност осомничениот да се даде во бегство или да влијае врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струмица доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Предлог е прифатен од страна на судот и на лицето му беше определен притвор.