Убиен професионален војник по банална расправија во селото Калуѓерец
Основното јавно обвинителство Кичево донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишник од селото Суви Дол, Македонски Брод, кој се сомничи дека лишил од живот едно лице во двор на куќа во селото Калуѓерец, нанесувајќи му огнострелна повреда со куршум од ловна пушка.
Како што информираа попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, за осомничениот постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство според член 123 став 1 од Кривичниот законик, а жртвата е професионален војник во АРМ.
– Жртвата е 31-годишен професионален војник во АРМ, но повод за убиството е банална вербална расправија од приватна природа, стои во соопштението од ЈОРСМ.
Оттаму дополнуваат дека надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Според полицијата пак, на 15.07.2024 полициски службеници од ОВР Македонски Брод ги лишиле од слобода Т.Т.(63) од Македонски Брод, А.Т.(39) од Македонски Брод, Д.Д.(21) од с.Суводол, Македонски Брод и И.М.(29) од Кичево, поради сомнение за инволвираност во кривично дело по член 123 од Кривичниот законик.
Имено, како што претходно пријавил Т.Т., околу 230 часот, во дворот од неговата куќа во с.Калуѓерец, општина Македонски Брод, при чистење на ловечка пушка, пушката испукала еден куршум кој го погодил Д.С.(31) од Кичево, со кого сите заедно биле на лов.
Од здобиените повреди Д.С. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Македонски Брод, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.