Уапсени поранешните министри за економија Сарачини и Незири, како и сегашниот министер без ресор Салиу

Истрагата е проширена на 19 нови лица. Сите се осомничени за „тешки дела против општата сигурност“. До овој момент истрага има против 35 физички и три правни лица


Фото: Б. Грданоски

 

Нови апсења и нови осомничени има денеска во истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице.

Јавното обвинителство и МВР соопштија дека  во тек е приведување на повеќе лица, но не соопштија детали, најавувајќи го тоа за подоцна во денот. Но некои медиуми веќе објавија за кого станува збор во оваа нова акција. Меѓу нив се поранешни министри, но и актуелни функционери.

Според овие наводи се работи за двајца поранешни министри за економија Беким Незири и Ваљон Сарачини, потоа долгогодишниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор Шабан Салиу. Се наведува и дека наводно бил осомничен и уште еден поранешен министер за економија, Дритон Кучи, кој сега е амбасадор на Македонија во Норвешка. Уапсен бил и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на „Вреди“.

Вечерва, државното обвинителството се огласи со соопштение околу проширувањето на истрагата со нови 19 лица. Ваква одлука донесе Основното јавно обвинителство Кочани. Сите се осомничени за „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, соопшти вечерва Државното обвинителство. МВР информираше дека во координација со кочанското обвинителство, против 19-те лица е поднесена кривична пријава. 

ЈОРСМ соопшти дека станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16 март 2025 „заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“.

„Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето ‘Клуб Пулс’ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па сѐ до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16 март 2025 година, за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои шест деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца“, информира ЈОРСМ. 

До крајот на денов, Основното јавно обвинителство Кочани до Основниот суд во Кочани ќе достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување на присуството на секој од новоосомничените.

„Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена“, се наведува во вечерашното соопштение на државното Јавно обвинителство.

(Информацијата е обновена)