Уапсена жената која му испрати отров во писмо на Трамп
Американската полиција уапси жена осомничена за испраќање на писмото до Белата куќа со смртоносниот отров рицин, соопштија властите.
Според извештаите во медиумите, жената била уапсена кога се обидела да премине во Канада на граничен премин во сојузната држава Њујорк.
Канцеларијата на ФБИ во Вашингтон соопшти дека „е уапсено лице кое наводно е одговорно за испраќање на сомнителното писмо“, пренесуваат британските медиуми.
Во соопштението се додава дека истрагата е во тек.
Извор од безбедносните служби, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека е уапсена жена канадска државјанка.
Кралската канадска коњаничка полиција (РЦМП) во саботата соопшти дека добила барање од ФБИ за асистенција во истрагата и дека се чини дека писмото е испратено од Канада.
Писмото во саботата било пресретнето во последниот владин центар за надворешни пратки, со што било спречено да стигне до Белата куќа.
Слични писма биле испратени до органите на прогонот во Тексас, вклучувајќи еден затвор и канцеларија на шериф.
Заедничката работна група за борба против тероризмот во Вашингтон почна истрага со помош на полицијата во Њујорк и полицијата на Кралската канадска коњаница (РЦМП).
Истражителите соопштија дека не е утврдена врска меѓу писмото со отров и меѓународни терористички организации. Рицинот природно се наоѓа во рицинусовото зрно, но со посебен процес се претвора во биолошко оружје. Рицинот може да предизвика смрт во рок од 36 до 72 часа по изложување на количество поголемо од глава на чиода. Експертите наведуваат дека не постои познат противотров.