Уапсен шефот на либанската царина поради експлозијата во Бејрут


Либан– Шефот на царинската управа на Либан Бадри Дахер денеска и официјално е уапсен откако беше на распит за разорната експлозија, која се случи на 4 август и во која загинаа најмалку 180 луѓе.

Истрагата е фокусирана на утврдување зошто речиси 3.000 тони експлозивен амониум нитрат биле складирани во градското пристаниште. Детонирањето на тие залихи предизвика експлозија, која ја потресе престолнината на Либан, и во која загинаа најмалку 180, а повредени се околу 6000 луѓе. Се уште околу 30 лица се сметаат за исчезнати во експлозијата која предизвика материјална штета од 10 до 15 милијарди долари.

Во меѓувреме се појавија документи од кои се гледа дека либанските власти со години знаеле за 2.750 тони амониум нитрат складиран во пристаниште и за опасноста што ја претставува.

Судијата Фади Саван четири и пол часа го испитуваше шефот на царината Бадри Дахер, кој беше притворен веднаш после експлозијата, по што издаде наредба за негово апсење. Тој ќе остане во притвор до завршување на истрагата.

Претседателот на Либан Мишел Аун изјави дека истрагата за експлозијата е многу сложена и нема бргу да заврши. Тој појасни дека истрагата е поделена на три дела и оти првиот има за цел да ги испита околностите поврзани со товарот, вториот да се утврди од каде и кој го товарел и третиот да се утврди декој бил одговорен за безбедноста на товарот. Аун рече дека француски и американски истражители помагаат бидејќи имаат повеќе можности отколку Либанците да откријат детали за тоа зошто бродот со високоексплозивен материјал пристигнал, изворот и кој го поседува.

По експлозијата се зголеми гневот на јавноста која и дотогаш беше незадоволна поради корупцијата и лошото управување и доведе до оставка на Владата поддржана од Хезболах.