Уапсен осомничен за двојното убиство во Стара чаршија


Фото: Б. Грданоски

Кривичниот суд ја информира јавноста дека Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на 31.05.2023 година, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје, го прифати предлогот и на едно лице му определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Убиство од чл. 123 од КЗ.

-Со оглед да се работи за истражна постапка за сите останати детали надлежно е јавното обвинителство, а како суд сакаме да ги демантираме наводите во одредени портали дека информацијата за поврзаноста на кривичното дел со конкретен настан, е прибавена од судот, велат од таму.

Појаснуваат дека Кривичниот суд, согласно заложбите за транспарентност и отчетност останува отворен за соработка со медиумите и ги објавува сите информации кои се во надлежност на судот, а кои се однесуваат на постапки и настани од јавен интерес.

-Но, мора да се има предвид дека со објавуање на непотврдени и непроверени информации, освен што може да се наштети на истрагата истовремено се отвара сомнеж и во постапувањето на судските служби кои работат по стрикни протоколи за заштита на податоците, велат од Кривичниот суд.

Како што пишуваат дел од медиумите, притвореното лице е осомничено за настанот на 6-ти март годинава кога пет вооружени лица, маскирани со фантомки влегоа во „Шиша бар“ и ги убија Јетон Кривањева-Жила и Енес Исени-Лаци, добро познати на криминалното подземје. Неофицијално лицето е поврзано со автомобилот „ауди 6“ со кој избегале напаѓачите, а беше пронајден запален по двојното убиство.

После настанот беше соопштено околу 50-тина чаури биле пронајдени околу телата на двајцата убиени.

„Жила“ беше дел и од групата која беше цел на вооружен напад во хотелот „Александар Палас“ пред 4 години.

Сѐ уште се истражува кои беа маскираните напаѓачи.