Твоја партија бара одговорност за Ејуп Рустеми место нова функција
Твоја партија бара одговорност од актуелниот директор на „Пошта“ , Ејуп Рустеми за кого вчера премиерот Зоран Заев рече дека ќе стане директор на ЈП за државни патишта на местото на Зоран Китанов. Од Твоја партија велат дека пред да добие ново директорско место во друго јавно претпријатие, Ејуп Рустеми, според Законот за јавните претпријатија, треба да биде повикан на одговорност.
„За за повеќекратно поднесување на негативен извештај за работа, да биде повикан на одговорност од страна на Управниот одбор согласно Законот за јавни претпријатија, да биде повикан на одговорност затоа што не ги отстранил негативностите во работењето во рок од 6 месеци, да одговара солидарно и неограничено за нанесената штета и да биде разрешен од функцијата. Уништено е јавно добро, нанесена е огромна штета и едно јавно претпријатие е доведено до пропаст, стои во соопштението“, порачуваат од оваа партија.
Оттаму велат дека граѓанските организации реагирале за ниските критериуми за избор на директор на јавно претпријатие, но ниските критериуми не ослободуваат никого од одговорност.
„Партиите на власт, без оглед на последиците кон јавното добро и економијата воопшто, со потегот на назначување/наградување на директор на државни патишта, докажува дека тесно политичките пазарења и партиски интереси само ја продолжуваат праксата на поделба на пленот наречен власт“, стои во реакцијата на Твоја партија.
ТВОЈА партија бара одговорност од директорот, Управниот и Надзорниот одбор за нанесената штета на државата и на граѓаните.