Тутунарите преку отворено писмо бараат помош од Али Ахмети

Тутунарите од Иницијативниот одбор денеска упатија отворено писмо до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со повик да ги поддржи тутунопроизводителите и да помогне во решавање на нивниот проблем со, како што велат, катастрофалниот откуп на тутунот.
Игор Мирчески, еден од предводниците на тутунарите од ФБ Групата „Македонски тутунари“ и предводник на протестите, пишува дека без амин на Ахмети не се прави ништо во државата, а ни една изјава досега не чуле од него во заштита на земјоделците.
„Господине Ахмети, дали вам како лидер на партија која се одржува на власт 20 години ви требаат земјоделци, и дали сте слушнале за нивните проблеми? Во случајот конкретно за тутунарите, кои во огромен број се и ваши гласачи. Познат сте по тоа дека без ваша дозвола Владата па и парламентот не можат да донесат одлуки и закони. Каде е тука вашата заложба и придонес за заштита на земјоделците, конкретно сега за тутунарите? Земјоделците не се само во Прилепско, ги има и во Скопско, Велешко, Тетовско, Гостиварско, Битолско, Дебарско, насекаде во државата. Ни еден коментар, ни една изјава не сме слушнале, ниту од вас ниту од вашиот прв вицепремиер, во заштита на земјоделците. Ве повикуваме помогнете, а ние ќе ви возратиме знаете кога и знаете како“, стои во отвореното писмо на Мирчески. (А.Б.)