Тутунарите незадоволни од откупната цена, бараат таа да биде 600 денари за килограм
Сегашната цена е 420 денари и со одбитоци од 3 до 5 проценти по килограм
БИТОЛА – Земјоделските здруженија и тутунари се многу незадоволни од откупната цената на тутунот, додека пак власта убедува дека годинава цената на откупот е повисока од лани за 20 денари.
Незадоволните производители и здруженија повикуваат цената за килограм тутун да биде 600 денари, а не како сега 420 денари и со одбитоци од 3 до 5 проценти по килограм.
Најгласни во барањето се од Националната земјоделска мрежа од каде велат дека откупните компании се служат со манипулација кога тврдат дека целиот тутун го откупуваат во прва класа.
„Остро го осудуваме манипулативниот однос од страна на откупните компании кон своите долгогодишни кооперанти. Откупните компании злоупотребувајќи го дискриминаторскиот Закон за тутун и истовремено прекршувајќи низа законски одредби на највулгарен начин преку манипулација на проценка при екстремно ниски откупни цени безобзирно ги манипулираат и злоупотребуваат тутунарите дека тутунот се цени и откупува во прва класа. Вистината е сосема поразлична, а тоа е дека тутунот се цени во прва класа со цени што одговараат за трета класа“, реагираат јавно од Националната земјоделска мрежа чии претседател е Ѓорги Каракашев.
Од таму упатуваат јавен апел до откупните компании да ги коригираат откупните цени по класи при што за прва класа откупната цена да биде минимум 600 денари без одбитоци, за втора класа 500 и за трета 400 денари исто така без одбитоци.
Тутунари на социјалните мрежи повикуваат тутунот да не се носи на откуп додека не се зголемат цените по килограм и со тоа да се направи притисок врз откупните компании.
„Тутунари не носете тутун на откуп, за наш производ тие ни кажуваат цена. Цената е помала од лани“, коментираат тутунари дополнувајќи дека на секој килограм има најмалку одбиток од 3 проценти кало што значи цената е помала од ланската.
И покрај незадоволството од цената на откупот, тутунари пак го носат тутунот на откуп. Според претседателот на Сојзуот на земјоделски здруженија, Кире Ристески, кој вчера присуствуваше на отворањето на откупните пунктови во Карбинци и Радање до вчерашниот ден откупени се 3 милиони и 470 килограми тутун со просечна цена од 419,64 денари. Ристески вели дека годинава реколтата тежи околу 22 милиони килограми тутун. Крајниот рок за откуп е 28 февруари.
Во однос на квалитетот и Ристевски вели дека оваа година е подобар квалитетот на родот од лани, но што се однесува до барањата на тутунарите за повисока цена вели дека ќе се разговара за следната година.
„Секогаш има простор да биде повисока цената и ние веќе размислуваме да преговараме со компаниите за новата цена за наредната година со цел да ја задржеме оваа култура, бидејќи е значајна за самата држава и за кооперантите. Во моментов најисплатлива, најрентабилна култура е тутунопроизводството“, рече Ристески.
При последната посета на Прилепски тутунски комбинат министерот Цветан Трипуновски рече дека овој старт на откупот на тутунот е задоволителен. Околу цената вели дека има зголемување во однос на лани, дека субвенциите се дефинирани и очекува поуспешна откупна сезона од лани.
„Би сакал да потенцирам дека годинава тутунарите добија државна поддршка за зелена нафта со значајна литража, што сериозно влијае на намалување на производните трошоци“, нагласи Трипуновски.
Сепак, од Националната земјоделска мрежа повикуваат државата под итно да пристапи кон законски измени на Законот за тутун и да го заштити интересот на тутунарите како рамноправен социоекономски партнер.
„Субвенциите како стимулативна мерка да се во висина од 100 денари по килограм предаден тутун со оглед на висина на средствата кои се слеваат во државниот буџет од ова стопанска гранка. Доколку овие укажувања не бидат сериозно разгледани и прифатени од страна на посочените Националната земјоделска мрежа ќе поднесе претставка до Уставниот суд со образложение за дискриминација на тутунарите во Законот за тутун по основ нарушено право тутунарите да се договараат за цената на сопствениот производ што апсолутно се коси со уставното право на рамноправност“, вели Ѓорги Каракашев, претседател на НЗМ.