Турските актери од Истанбул ја носат „Буре Барут“ на „Долни Сарај“


Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Буре Барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Јилдирај Шахинлер што на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот ќе ја донесат актерите на Народниот театар Истанбул.

„Буре Барут“ на Дејан Дуковски е претстава што е прикажана во многу европски земји и пошироко. Ремек-делото, е составено од 11 различни приказни поврзани во форма на една целина.

Како што истакна на денешната прес-конференција директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, „Буре барут“ претставува хипер-реална алегорија на балканскиот социо-културен стереотип.

– Ремек-делото, е составено од 11 различни приказни поврзани во форма на една целина.Секоја сцена во „Буре барут“е самостојна и секогаш еден од ликовите од претходната го има и во следната сцена, при што тие ликови, провлекувачи, како да обединуваат една виртуелна целина. Така, во првата и последната сцена се појавуваат истите имиња, но двете се разликуваат и по времето и по просторот: сон/јаве, по целиот амбиент и по постапките на ликовите, појасни Поповиќ.

Режисерот на претставата, кој наедно е и директор на Народниот театар Истанбул, но и дел од актерската екипа што вечерва ќе излезе на сцената „Долни Сарај“, Уилдирај  Шахинлер вели дека е почестен што е дел од фестивалот „Охридско  лето. Охрид, според него е прекрасен град, град на културата а тоа, како што рече, се гледа од архитектурата, но и од возбудата кај луѓето што го подготвуваат фестивалот.

-Пред да ја работиме претставата, најпрво го гледав филмот . Еден од моите пријатели ми кажа дека постои сценарио коешто е напишано за театарски изведби и решив да го преведам од англиски јазик. Претставата ја изведовме во Истанбул бидејќи приказната од „Буре Барут“ одговара и за Турција. Како режисер практикувам импровизација, но се разбира, со дозвола на драматургот и засега тоа резултира со прекрасни изведби. Вечерва ќе видите турска игра на „Буре Барут“, но сигурен сум дека ќе ја препознаете и македонската „Буре Барут“, рече   Шахинлер.

Башак Гумулџинелиоглу е една од актерките која игра во театарската претстава и според неа „Буре Барут“ ги зближила актерите и направила да се чувствуваат како едно семејство.

-Претставата  „Буре Барут“ пренесува една универзална и безвременска порака која одговара во кое било време особено за овие простори. Ја  играме три години и веќе станавме едно семејство, истакна Гумулџинелиоглу.

Нејзиниот колега, актерот  Еркан Џан рече дека вечерва публиката ќе види прекрасна игра на турските актери.

-Вашата земја е прекрасна. Знам дека повторно ќе се вратиме овде со друга игра, рече Џан.

Иницијаторот којшто ја донесе театарската претстава „Буре Барут“ и турските актери на фестивалот „Охридско лето“ е Илијас Балта.

-Интересено е, како може некој да пишува нешто и да предвиди што ќе се случи по повеќе од 30 години . Тие што ќе дојдат вечерва на претставата ќе видат дека Дејан Дуковски  напишал нешто пред повеќе од 30 години и тоа се случува и денес. Оваа приказна, Уилдирај Шахинлер ја има оспособено да се игра во Македонија на турски јазик, рече Балта.

Како што нагласи на денешната прес-конференција, директорката на „Охридско лето“,  Наташа Поповиќ, фестивалот во подготвителниот период имаше прилика да се промовира во Истанбул, и како што додаде, тоа резултира со бројни гости од Турција кои го посетија ова 59-то фестивалско издание.