Турскиот театар ќе се пресели во нова зграда до крајот на 2026 или почетокот на 2027 , вели Љутков


Фото. Б. Грданоски

Турскиот театар, кој  повеќе од една деценија е во изградба, ќе се пресели во нова зграда ( лоцирана во населбата Пролет близу Железничката станица), до крајот на 2026 или почетокот на 2027 , рече Љутков одговарајќи денес на новинарско прашање, при посетата на Театар Комедија, каде ансаблот сцената ја дели со нивните колеги од Турски театар-Скопје.

-Во 2023 година почна да се става фасадата, сега работиме со многу забрзано темпо за да го завршиме. Се работи третата, последната фаза – ентериерното уредување и сценската технологија која оди малку побрзо. Сè зависи од временските услови и од динамиката, би требало да биде готов до крајот на 2026 или почетокот на 2027, рече Љутков.

Фото: Б. Грданоски

Објектот е проект на Министерството за култура и институцијата Турски театар, кој се јавува како инвеститор. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов, кој е автор и на објектот на Филхармонијата.

Турскиот театар е замислен да биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната функција на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. 

Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот за што се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра односно 380 милиони денари.

Фото: Б. Грданоски

Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. Театарот почна да се гради како еден од капиталните проекти на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Турскиoт театар во Скопје е единствениот театар на Балканот кој опстојува 74 години како национална установа поддржана од Министерството за култура, кој претставите ги игра на турски јазик надвор од границите на Турција. Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија.

Претходно, Турскиот театар со децении функционираше заедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Битпазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел.

Актуелен в. д. директор на Турскиот театар е актерот Осман Али. (Л.С.)