Турски државјанин уби странски студент во Штип


Полицијата го уапсила турскиот државјанин кој избега ноќеска откако со пиштол застрела и уби друг странски државјанин во Штип, соопшти Основното јавно обвинителство Штип. Најден бил и пиштолот и во текот на денов осомничениот убиец ќе биде на распит пред обвинител.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршел увид во кафе-барот каде се случило убиството. Уште веднаш биле идентификувани напаѓачот и жртвата, двајцата странски државјани.

„Од местото беа подигнати чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видеонадзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска“, вели Обвинителството.

 По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, полицијата во близина на наплатна рампа Миладиновци, од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на синоќешното убиство во Штип, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото, соопштија од МВР.

– Во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле  А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода, соопшти МВР.

Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Во СВР Штип синоќа во 21.25 часот е пријавено дека во угостителски објект на Градскиот плоштад во Штип било пукано со пиштол кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал.

Дваесет и пет годишниот Е.О, е убиен синоќа во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип, потврдија од Клиничка болница-Штип. Во болницата е донесен без знаци на живот, со неколку прострелни рани. Лекарите пробувале да го реанимираат, но обидите биле несупешни. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО)-Штип соопштија дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје.