Турски „Чагатај Кабло“ инвестира 6 милиони евра во ТИРЗ Скопје, до 200 нови вработувања


Турската компанија „Чагатај Кабло“ денеска во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје постави камен-темелник на својата нова фабрика во која ќе бидат отворени до 200 нови работни места. 

Инвестицијата е шест милиони евра, а објектот ќе се протега на потвршина од 10 илјади метри квадратни. 

Според премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот на новата фабрика, оваа нова инвестиција на „Чагатај Кабло“ е потврда дека владините политики се добри и државата се движи во вистински правец. 

– Ова се показатели што го говорат најважното дека државата е стабилна, економијата активна и дека иднината се гради денес. Свесен сум дека граѓаните се соочуваат со потешкотии, свесен сум дека се потребни брзи и конкретни промени и токму затоа секој ден со целата енергија што ја имаме, работиме за тие промени да се случат. Се бориме за секое ново вработување, за секој денар повеќе во домашната економија, за секоја шанса што може да донесе стабилност на државата. Ние не чекаме инвестиции, ние ги бараме, ги поддржуваме, ги заслужуваме. Ние не зборуваме за можности, туку ги отвараме. Ние повикуваме на промени и таквите промени ги реализираме, истакна Мицкоски во своето обраќање. 

Посочи дека ова е само еден од многуте примери како се создава економски раст не со теории, туку со конкретни објекти и дека еден ваков почеток е добар не само за компанијата, туку и за локалната заедница, националната економија и за секој млад човек кој сака да остане во сопствената држава. 

– Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности, земја во која трудот се исплатува, земја во која инвестицијата има смисла, земја во која институциите се партнери на бизниот, не пречка, туку поддршка, подвлече Мицкоски. 

– Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, туку и за локалната заендица, националната економија и за иднината на секој млад човек кој сака да остане тука. Вградуваме уште еден темелна економска доверба, јасен сигнал дека кога институциите се посветени, успехот неминовно доаѓа, рече Мицкоски.

Нагласи дека постигнатите резултати покажуваат дека Владата има јасна економска насока.

– БДП во првиот квартал од годинава порасна за 3,2 проценти, иако многу земји во рамки на ЕУ се во рецесија, странските директни инвестиции минатата 2024 година стигнаа ниво од една милијарда 255 милиони евра, извозот во првите пет месеци од годинава е за 3,15 проценти поголем споредено со истиот период лани, а индустриското производство само во мај бележи раст од 9,4 проценти што ќе каже дека во првите два месеца од вторит квартал (април и мај) трговскиот дефицит е намален за околу 80 милиони долари споредено со истиот период минатата година, потсети Мицкоски. 

Турската компанија „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје постави камен-темелник за изградба на нова фабрика со која ќе се отворат до 200 работни места со што вкупната бројка на вработени во оваа компанија во земјава ќе изнесува 500 лица. Вкупната инвестиција за новата фабрика се проценува на околу шест милиони евра.