Турската компанија „Шахтерм“ почна да гради фабрика во зоната во Скопје


 

Со поставување камен темелник денеска беше означен стартот на инвестицијата на турската компанија за произведство на грејачи и отпорници за бела техника и електрични апарати „Шахтерм“ во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) – Скопје. 

„Инвестицијата во првата фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е оваа инвестиција да има и втора фаза каде што вкупната вредност на оваа инвестиција ќе изнесува 50 милиони евра и бројот на вработени се планира да биде над 500“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Тој оцени дека ова е проект што ја развива економијата и ја потврдува стабилноста и напредокот на нашата земја, со што ќе придонесе за зајакнување на македонската индустрија и извоз. Потенцираше и дека последните економски показатели се охрабрувачки.

Инвестицијата за објектот со површина од 13.000 квадратни метри, опфаќа и центар за истражување и развој, а ќе биде прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Турција.

Турскиот амбасадор Фатих Улусој изрази задоволство од стартот на инвестицијата на „Шахтерм“ и истакна дека турските компании имаат важна улога во развојот на земјата обезбедувајки вработување за 10 илјади лица во државава.

Фарук Шахин, претседател и основач на „Шахтерм“, ја претстави компанијата, посочувајќи дека 60 отсто од своето производство го извезува. Компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. „Шахтерм“ момнтно е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Канди“.