Туристичките ваучери од 6.000 денари ќе може да се користат од 15 јули до 15 декември
Ќе се смени критериумот за категоризација на сместувачките капацитети, платформата достапна од 15 јуни, изјави министерот за економија Крешмник Бектеши
За две недели, на 15 јуни, ќе биде пуштена во употреба платформата со хотелите и сместувачките капацитети, вклучувајќи ги и приватните сместувања, каде ќе може да летуваат граѓаните со месечни приходи под 15.000 денари.
Граѓаните ќе ги добијат ваучерите вредни 6.000 денари по електронски пат, со упатство и код за користење, откако УЈП ќе ги достави списоците на оние што ги исполнуваат условите. Ваучерите ќе може да се користат од 15 јули до 15 декември.
Како што објасни денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, граѓаните ќе може сами да ги направат своите аранжмани, без посредство на туристички агенции, а согласно владината мерка, освен ваучер ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат во хотелите и угостителските обејкти.
Бектеши најави дека идната недела ќе се смени критериумот за категоризација на сместувачките капацитети за да се отвори можност што повеќе да се регистрираат на платформата.
Сместувачките капацитети нема да треба да им издават фискални сметки на граѓаните, туку ќе треба само да достават извештај на крајот на месецот колку ваучери се искористени кај нив, по што ќе им биде исплатено за услугата што ја давале.
-Сите граѓани до крајот на идната недела да видат дали добиле ваучер, ако не, да го контактираат Министеството каде дополнително ќе се проверат нивните податоци. Подоготвката на палтфората е почната и таа ќе биде пуштена во употреба на 15 јуни. Хотелиерите потоа ќе имаат рок 15 дена, до 30 јуни, да ја постават поунудата, апелира министерот.
Тој ја најави и кампањата „Дома си е дома“ која ќе се одвива преку социјалните мрежи и на други начини, со која ќе се промовираат сите домашни туристички дестинации.
Владата на вчерашната седница ја усвои Уредбата за издавање ваучери, а за оваа мерка се проектирани над 10 милиони евра.
-Очекуваме да поддржиме околу 100.000 граѓани кои од јануари до април не оствариле приходи поголеми од 60.000 денари, повтори Бектеши.
На туристиките објекти и сместувачки капацитети кои не се категоризирани, им порача тоа да го сторат до крајот на месецов за да можат да аплицираат за мерката и своите понуди да ги стават на платформата.