„Лидл“ ќе има и втор маркет во Битола
Познатиот германски синџир на маркети „Лидл“ најави и втор маркет во Битола. За таа цел, како што се најавува, утре во градот под Пелистер ќе биде поставен камен темелник на новиот објект. Церемонијата е предвидено да се одржи на ул. „Васко Карангелески“ бр. 31.
Со овој настан, како што се посочува, официјално започнува изградбата на вториот маркет на „Лидл“ во Битола, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во земјава.
Инвестицијата претставува значаен придонес кон локалниот економски развој, отворање нови работни места и унапредување на понудата за потрошувачите, како и можност за продлабочување на соработката со домашните производители.
Инаку, во Битола, првиот маркет се наоѓа на локацијата кај кружниот тек во близина на старата млекарница (населба Дулие), под Еврејските гробишта, а веднаш до него е позициониран и трговскиот комплекс „Блис“.
Во почетокот на јули, при поставува на камен темелник на маркет на „Лидл“ во Струмица беше посочено дека првите маркети се очекува да бидат отворени околу Нова година.
Компанијата инвестира во изградба на објекти и логистичка инфраструктура низ повеќе градови во државата. Според најавите, вкупната планирана инвестиција изнесува околу 200 милиони евра и опфаќа отворање на повеќе продажни објекти, како и развој на логистички капацитети.